Стотина контра-демонстранти денеска пред Уставниот суд, во Скопје, се собраа и поставија шатори за, како што велат, „да го одбранат судот“. Најголемиот дел од демонстрантите не сакаа да зборуваат за причините пооради кои се дојдени, но, еден похрабар контра-демонстрант изјави дека дошол да ја брани Македонија и Уставниот суд, затоа што е Македонец.Демонстрантите велат дека спонтано се собрале пред Уставниот суд, за да им застанат на патот на „опозициските невладини организации“.
„Јас сум Македонец и дојдов да ја бранам Македонија, не може некој да најави дека ќе го запали Уставниот суд. Ние сме дојдени да го одбраниме судот и ќе бидеме тука, па кој сака, нека дојде да го запали, да видам дали ќе може“, изјави контра-демонстрантот – бранител на Уставниот суд.
[youtube width=”600″ height=”400″]https://www.youtube.com/watch?v=gWUXZ2agPMg[/youtube]
Тој е дециден дека контра-демонстрантите нема да се повлечат и подготвени се да дојде и до физички контакт со граѓаните кои се организирани од граѓанската иницијатива „АЈДЕ“.
Граѓаните кои својот протест го најавија за попладнево во 18 часот, ќе протестираат пред Владата и ќе продолжат до Уставниот суд, каде ќе останат цела вечер, низ симболичното бдеење, да го бранат Уставот.
Тие ќе го дочекат почетокот на утрешната, утринска седница кога судот ќе ја разгледа инцијативата за укинување на делови од Законот за помилување, со што на претседателот на државата ќе му се овозможи помилување на лица поврзани со изборeн криминал, но и сторители и на други тешки кривични дела, како педофили, дилери на дрога, силувачи…
ЦИВИЛ – Центар за слобода повикува на разум и трезвеност, и апелира до граѓаните да се воздржуваат од активности кои можат да доведат до ескалација, тензии и до отворени судири.
ЦИВИЛ го повикува МВР да биде на висина на задачата и посочува дека сите организатори кои со години наназад формираат контра-здруженија, контра-синдикати, па дури и контра-демонстрации и протести, се директно одговорни за антагонизирање на општеството и за можните несакани последици.