Categories

МУЗИКА Концерти на Камерниот оркестар на Филхармонија во Казахстан

Камерниот оркестар на Македонската филхармонија по повод 8 септември – Денот на независноста одржа два концерта во Алмати и Астана во Казахстан.

Концертите беа одржани пред преполни сали и поздравени со овации од страна на публиката.

Под водство на маестро Борјан Цанев и со солистката Анна Кондратенко на виолина, Камерниот оркестар изнуди бурни аплаузи за изведбата на делата од Моцарт, Вивалди, Григ и Пјацола, а со овации беше проследена и изведбата на делото „Македонско капричо“ од Драган Шуплевски.

Македонскиот амбасадор Илија Псалтиров и директорот на Државниот филхармониски оркестар во Алмати изразија задоволство од настапот на македонскиот оркестар и ги истакнаа заложбите за понатамошно интензивирање на културните врски меѓу двете земји.

Концертот во Астана, пак, се одржа пред високи претставници и дипломати, а присутните ги поздрави заменик-министерот за надворешни работи на Казахстан.

Со овие настани беше промовиран и почесниот конзул на Македонија во Алмати, Султан Мукшаев.

Од Македонската филхармонија информираат дека и во иднина ќе ја продолжат соработката со Филхармонијата во Алмати која следната година ќе гостува во Македонија.

– Имав средба со директорот на Филхармонијата во Алмати, Далел Зеинешевич Ушаев, со кој се договоривме за взаемна соработка и во иднина, Во наредниот период, во 2019 година, во салата на Македонската филхармонија ќе гостува нивен ансамбл, изјави директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, додавајќи дека двете филхармонии во Алмати и во Астана дале голема поддршка за гостувањето како во однос на инструментите, така и во однос на превозот, односно целата организација. (МИА)

Print Friendly, PDF & Email