Поранешниот генерален секретар на ОН, Бан Ки-Мун, го повика Доналд Трамп да се врати во глобалните напори за борба против климатските промени.
Белата куќа тврди дека „климатските цели“ ги „убиваат другите земји и ќе ја убиеја Америка“ доколку Трамп не интервенирал.
Во интервју за Sky News пред климатските разговори на КОП30, кои почнуваат денеска во Бразил, Бан изјави: „На климатската криза не и гајле каде живеете – дали во Соединетите Држави, Кина или европските земји, пренесе МИА.
Ако живееме заедно, сите живееме. Ако умреме, сите умираме заедно“.
Тој го нарече „длабоко жално“ тоа што САД – кои се „најмоќната, најбогатата и највлијателната земја“ – се повлекуваат од Парискиот договор по втор пат.
Овој историски договор, постигнат на КОП21 во 2015 година, е најзначајниот и единствениот правно обврзувачки климатски договор во светот. Неговата цел е да го ограничи глобалното затоплување на 1,5 до 2 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа и ги обврзува земјите секои пет години да доставуваат планови за тоа како ќе ги исполнат своите обврски.
Организаторите на КОП30 вчера во Бразил изјавија дека досега се поднесени 108 национални планови – што значи дека повеќе од една третина сè уште недостасуваат.
Бан, кој беше генерален секретар на ОН за време на Париските разговори, рече дека богатите западни држави, а не само Америка, мора да преземат поголема одговорност.
„Тие мора да покажат најсилно можно лидерство и највисок приоритет. Ова е единствената Земја што ја имаме. Немаме друго место каде што можеме да се преселиме.“
Поранешниот генерален секретар сега го води Центарот Бан Ки-мун за глобални граѓани, кој соработува со носители на одлуки за спроведување на Парискиот договор и Целите за одржлив развој на ОН.
САД се најголемата економија во светот и вториот најголем загадувач на климата по Кина.
Бан изјави: „Целиот свет сега очекува Соединетите Држави да покажат политичко лидерство во овој критичен момент. Тоа е мојот искрен апел до претседателот на САД.“
Доналд Трамп нема да испрати никакви „високи претставници“ на КОП30,
но Белата куќа останува нејасна околу тоа дали ќе присуствуваат други претставници, како што се преговарачи.
Портпаролката на Белата куќа, Тејлор Роџерс, изјави за Sky News: „Зелениот нов измамнички план ќе ја уништеше Америка доколку претседателот Трамп не беше избран да ја спроведе својата енергетска агенда со здрав разум – која се фокусира на искористување на течниот златен ресурс под нашите нозе, за зајакнување на стабилноста на енергетската мрежа и намалување на трошоците за американските семејства и компании.
„Претседателот Трамп нема да ја загрози економската и националната безбедност на нашата земја поради нејасни климатски цели кои ги уништуваат другите земји“, пишува МИА.












