ВОЈО МАНЕВСКИ
Некогаш обичните разговори со блиски луѓе некако природно ја отсликуваат состојбата со мислењата кои преовладуваат во заедницата. Разговорот почнува секогаш од најновите теми, а завршува со констатацијата – државата е виновна и сите се исти, штом седнат на столчето од каде со нешто се управува. Се мислев дали да напишам дека државата е „виновна“ или дека државата е „крива“. И заклучив – покрај тоа што е виновна, и крива е, искривена. Криво е насадена и наместо да расте кон светлината, се влече по земја и никако да „пркне“.
Да се вратам на муабетот. Не помага никаква аргументација дека сѐ уште има луѓе со некаков морал за интересите на заедницата, сѐ уште има луѓе што не сакаат да присвојуваат општи добра, сѐ уште има луѓе што не го крадат народот, не сакаат ништо туѓо. Нема аргументи што нашиот обичен човек можат да го разубедат. Се насобрало многу гнев и неверување за да се прифати дека некој може да биде чесен кон заедницата. Има доволен број на социолози што ќе го објаснат целиот процес, а јас само поставувам прашања.
Зошто сите сметаме дека нема веќе чесни и одговорни луѓе? Дали е така или ние сакаме да веруваме дека е така, покривајќи и некакви сопствени фрустрации за кои имаме причини на секој чекор? Дојдовме до разговори меѓу блиските во кои за лицата што сме ги изгласале на некоја функција заклучокот може да биде само еден од двете опции – или сѐ што има е резултат на корупција и грабеж или ако тоа не го направил тогаш е неспособен и не е за почитување. Не велам дека нема доволно причини за ваквото мислење, туку ја отсликувам скоро бесперспективноста која е општо мислење. Ова ми личи на пропагандистичкиот процес со цел да се дехуманизира противникот. Со нирнбершките закони нацистичка Германија со правни алатки ги означува Евреите, па и Словените како помалку или воопшто човечки битија. Последиците се нечувствување на вина за нивната елиминација од заедницата и нивно убивање, не како човечки, туку како нечовечки битија.
Денес нашите политичари во своите пропаганди се честат себеси со карактеристики што не им даваат да бидат квалификувани како добар избор за водење на државните работи. Се намали вината за оценувањето на политичките противници како корумпирани и несовесни. Така тоа доведе до општо мислење дека и нема личности кои не се заразени со болеста корупција. За своите од партијата не се зборува дали се со ваков вирус заболени, иако и за нив веднаш се распредуваат кулоарски приказни дека се вклопиле во процесот на лични интереси. Посебно тоа се истакнува ако не си нешто задоволен од делбата на колачот кој го носи власта. Дали тоа не значи намалување на вината, бидејќи не се работи одговорно на работното место или се гради градба без дозвола, се паркира каде не е дозволено или не се чека на ред пред институциите? Битно е да се има некакво оправдување за сопствените постапки. Се разбира дека не се почитуваат законите затоа што и судиите кои треба да ги санкционираат прекршителите се корумпирани и тогаш вината на поединецот е помала и не е за осуда. Таквото мислење го намалува и чувството за личната одговорност и вина.
Значи корупцијата си има две страни, а кај нас има изгледа и трета веќе вградена во нашето поведение и начин на живеење, пред сѐ во нашиот систем на вредности. Ако во корупцијата има коруптори и корумпирани изгледа има и производ кој смело го крстив како коруптанти. Како богот Јанус со две лица, две во едно, каде сите стануваме или оние кои корумпираат или оние што се сложуваат да бидат корумпирани, како производ на еден процес кој создава нов резултат – коруптанти.
А секојдневно зборуваме дека треба да го браниме нашиот идентитет. Оваа наша ментална состојба дали е дел од нашиот идентитет? Ако е дел од нашиот начин на живеење и него ли го браниме? Секако дека го браниме со сите сили затоа што веќе и немаме некои други вредности во кои веруваме. Вака ни е најлесно, се покриваме со тоа што веќе веруваме дека сите се корумпирани и неодговорни, па зошто и некој од нас да се разликува од општата состојба? Тоа што тие корумпирани политичари се резултат на нашиот избор каде ги вградуваме нашите интереси не ни е важно, затоа што сѐ повеќе стануваме коруптанти.
Општествените појави имаат причина за свое појавување, свој раст и симнување од сцената. Можеби тоа е и според некаков природен закон, кога злото кога почне да преовладува почнува да се јаде себеси затоа што му недостасува од супстанцата која го изродила и која го храни. Ние сега сме на работ од опстанокот на државата и целата заедница како последица на општата недоверба во сѐ околу себеси. Не веруваме во семејството, во роднините, во образованието, во судовите во државата. Не веруваме во ништо, а сакаме подобар живот кој треба некој друг да ни го овозможи, а ние да си останеме коруптанти, бидејќи така ни е најкомотно, а и имаме тема за разговор пред гранапче или во пишување писанија на социјалните мрежи. Негативната енергија не може да даде позитивни резултати, барам јас така мислам, не влегувајќи во законитостите кои ги знаат енергетичарите. Ако и тие не отишле во политичари.
Нема пример во познатата историја кога општеството го придвижило напред нискиот слој на заедницата. Идеите секогаш ги створат и реализираат избраните, најдобрите, а некогаш и најспособните. Кога нивното место ќе го окупира просекот или понискиот дел, нема ниту идеи, ниту нивна реализација, туку вртење во круг, чекајќи некој нов месија. Дотогаш она што ние популистички го нарекуваме народ постепено го губи системот на вредности и стане само збир на уплашени и полни со сомнеж за иднината единки без поголем личен идентитет.
Далеку ли е времето кога ќе разговараме со пријателите за новите филмови или спортски резултати, за најновите вицеви или хит песни? Да почнеме да светлиме за да ни биде светло, затоа што вака како што мрачиме ќе ни биде само мрачно. Како коруптори и коруптанти ќе ја изедеме и корупцијата, бидејќи и ќе нема што друго да корумпираме или да не корумпира.