На панел дискусијата на ЦИВИЛ „Зад димната завеса: со референдумот или на него“, (која се одржа на 7 септември 2022), правниот експерт и долгогодишен гласен поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Костов, нема добро мислење за иницијативата за референдумот, бидејќи според него со оваа иницијатива ВМРО-ДПМНЕ си влегуваат во стапица, односно во замка.
„Озогласениот Договор со Бугарија на некој начин ќе го легализираат, ќе го потврдат во случај референдумот да биде неуспешен. Тогаш ќе кажат ‘еве бе народот е за тој Договор’ и точка. Зошто пред 5 години не го направија ова? ВМРО-ДПМНЕ во Собрание ги губи битките, нема мускули, затоа сега ќе си го праша народот за предвремени парламентарни избори“, вели Костов.
Тој истакна дека не би одел веднаш на референдумското прашање.
„Не би дозволил ни крив ни должен да влегувам во едно правно блато. Прво би рекол – дали ни е потребен референдум за оваа работа која веќе е ‘лански снег’. Во 2017 година овој Договор се потпиша. Овој договор направи поделба по вертикала и по хоризонтала во нашето општество“, вели Костов, меѓу другото.
Според Костов, сите политички партии се наоѓаат во стрмоглав пад.
„Тоа го видовме на овие спорадични локални избори, тоа го видовме на последните парламентарни избори. Процентот на излезеност се намалува. Ние имаме лош контекст за референдум, бидејќи имаме висок референдумски цензус. Кога ќе видите дека освен првиот референдум, сите други референдуми или иницијативи ни се неуспешни, јас се плашам дека повторно ќе имаме неуспешен референдум“, нагласи Костов.
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети