Собранието не го прифати Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа и забавни игри, предложен од пратениците од Европскиот фронт, односно ДУИ.
Цивил Медиа следејќи ја темата, ги праша граѓан(к)ите – Што мислите за идеите за ограничување или забрана на игрите на среќа, коцкарниците, кладилниците?
Граѓаните сметаат дека треба да има контрола, но не и да се забрани, бидејќи целосната забрана ќе доведе до нелегални коцкарници и корупција. Ви пренесуваме дел од коментарите:
„Тие се општествено зло и извор на несреќи на луѓето кое не може целосно да се искорени, но може значително да се ограничи. Ограничувањето би било преку физички мерки (критериум за растојание од училишта и градинки) и информатички мерки (целосна забрана или значително ограничување и отежнување на пристапот на граѓаните до онлајн обложувалници и коцкарници, домашни и странски). Тука е веќе прашање на стратегија до која мерка би се вовело ограничувањето било преку физичкото растојание било преку начинот на ограничување на пристапот на интернет, при што задолжително треба да се води сметка за намалување на можностите за илегален пристап (преку VPN уреди или т.н. dark internet). Целосното физичко искоренување би можело да води до зголемено присуство на т.н. илегално обложување иако тоа и денес е присутно. Државата исто така треба да направи анализа и симулација околу намалувањето на приходите во Буџетот, па тогаш да донесе соодветна одлука. Напоменувам дека приходите се од краткорочен карактер, а подобрувањето на менталното здравје на населението е долгорочно решение кое би требало да се постигне со тие мерки, коментира Игор Донески.
„Тоа како иницијатива е добро, само што нема да се оствари, не е во интерес на бизнисмените нема каде да се перат парите“, пишува Сали Демировски.
„Целосна забрана“, вели Љупчо Арсовски.
„Нека се дадат дозволи и во секоја продавница да може да се коцкаат. Овој народ е горд народ и дорд ќе си умре. Тоа е кога не сакаат да работат барем и тоа што го имаат го искоцкаат. А зошто државата да се грижи за коцкарите. Они тоа го прават по своја воља“, вели Љупче Трајковски.
„Забранување не бива, зашто се што се забранува станува простор за корупција. Но добро ограничување и регулирање – да“, вели Владимир Бубалов.
Д. М.