Од откупниот пункт во тутунскиот комбинат во Прилеп, премиерот Димитар Ковачевски го означи почетокот на откуп на тутунот од реколтата за 2022 година.
-Денешниот ден го започнав со средба со луѓето кои се најважни за оваа наша традиционална земјоделска гранка – тутунопроизводителите. Имав можност да разговарам со дел од тутунарите од прилепскиот регион за годинешната реколта тутун, за откупната цена, за владините мерки, но и за нивните предлози за понатамошен развој производството на тутун. Според официјалните податоци од Државниот инспекторат за земјоделство, со задоволство можам да кажам, дека оваа година откупот на тутун започнува со неколку позитивни податоци: повисока откупна цена, повеќе склучени договори, поголемо планирано количество за откуп, подобар квалитет на тутунот, кажа Ковачевски.
Како што додаде премиерот, годинава откупот на тутунот стартува со 33% повисока цена споредено со лани.
-Откупната цена за килограм тутун е 260 денари, за разлика од лани кога била 200,44 денари за килограм. Ова се историски највисоки откупни цени за тутунот во последните 10 години! Ќе кажам еден податок што ја потврдува мојата констатација – од 2014 година до сега откупната цена на тутунот е зголемена за 115,7%. Пораст има и кај бројот на склучени договори. За реколта 2022 година склучени се 29.653 договори што е за 7% повеќе од лани кога биле склучени 27.712 договори. Оваа година се очекува да се откупи околу 21.000 тони тутун што е за над 10 % повеќе од лани кога се откупиле 18.662 тутун. Имаме тутун со подобар квалитет во однос на минатата година, кажа Ковачевски.
Според него овие стартни податоци ветуваат успешен откуп на тутунот, што крајно би значело бенефит и за државата и за тутунопроизводителите да продолжат да вложуваат во производството.
-Ваквите бројки се доказ мерките кои што оваа Влада ги презема за тутунопроизводството, даваат позитивни резултати. Тутунот е наша традиционална но и извозно ориентирана гранка која носи годишен девизен прилив од над 120 милиони евра. Околу 20.000 семејства егзистираат од оваа гранка, и затоа секоја преземена мерка е во интерес на тутунопроизводителите, да имаат стабилно и одржливо производство. За првпат оваа Влада донесе нов модел за зголемени субвенции за тутунот според кој субвенцијата за прва класа е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа и дополнителните класи. Со тоа ги мотивиравме тутунарите да произведат повеќе и поквалитетен тутун, за да остварат повисока субвенција, заклучи Ковачевски при посетата на Прилеп.
„Паралелно со новиот модел за субвенции, се донесе и нов Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи, со кој што се решија сите отворени прашања кои го оптоваруваа производството и откупот на тутун“, кажа премиерот Димитар Ковачевски при посетата на откупниот пункт на тутунскиот комбинат во Прилеп. Тој додаде дека интересите на тутунопроизводителите се врвен интерес на државата и дури и во услови на здравствена и економска криза, и тутунарите биле опфатени и со помошта од КОВИД програмата.
-Ова е сериозна посветеност и вистинска грижа на државата кон тутунопроизводството, кон целиот сектор земјоделство. Оваа Влада е на страната на земјоделците, на овие вредни луѓе, кои со своето производство имаат сериозен удел во производството на храна и во развојот на економијата. Секогаш работиме за интересите на земјоделците, и во овој период на најголема енергетска криза заеднички креираме мерки за помош на земјоделците, за зголемено производство на домашна храна, истакна Ковачевски.
Тој додаде дека за првпат е донесен „Национален план за производство на храна“, кој содржи конкретни мерки за поддршка на овој важен сектор во време на криза и нагласи дека планот веќе се реализира.
-Планот содржи Интервентна програма во вредност од 900 милиони денари и конкретни мерки за зголемено производство на домашна храна, за увозна независност, мерки со кои ги поттикнуваме земјоделците максимално да ги искористат сите ресурси, секоја педа обработливо земјоделско земјиште, за да произведат повеќе. За првпат ресорното министерство подготви нов модел за распределба на земјоделските субвенции, со кој се решаваат сите долгогодишни проблеми на земјоделците, се овозможува брз систем за исплата на субвенциите кон земјоделците и спречуваат злоупотребите на субвенциите, изјави Ковачевски.
Тој кажа дека со новиот „decoupling систем“ земјоделците добиваат авансна исплата на субвенциите, дополнителна поддршка добиваат оние земјоделци кои ќе се насочат кон производство на стратешките култури, но и земјоделците кои од своето производство создаваат финален производ за продажба.
-Продолжуваме со истото темпо за развој на земјоделството и понатаму. Северна Македонија има ресурси, има плодна почва, иделна клима, вредни земјоделци, затоа и ќе продолжиме со владините мерки, да дадеме поддршка и земјоделството да е е двигател на македонската економија, истакна премиерот при посетата на Прилеп.