Генералниот директор на државната компанија АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, денеска јавно го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш да ги исконтактира компаниите со кои тврди дека има комуникација и можат да достават мазут и природен гас по цени со кои државата ќе заштеди 300 милиони евра и да побара тие фирми најдоцна до среда да достават официјални понуди до ЕСМ.
„Токму затоа ја користам оваа пригода јавно да го повикам Христијан Мицкоски денеска веднаш да ги исконтактира тие компании од кои има индикативни понуди и за кои кажа дека имаат важност од една недела. Тие компании во текот на следните неколку дена, но не подоцна од среда, да достават официјални понуди до Акционерското друштво“, кажа директорот на ЕСМ.
Ковачевски посочи дека понудите треба да содржат технички карактеристики на енергенсот што го нудат, да ги имаат потребните сертификати и лиценци, да ги имаат обезбедено потребните количини од 250.000 тони мазут и 250 милиони метри кубни гас, да имаат договори со добавувачите и транспорт на мазутот до ТЕЦ Неготино, РЕК Битола и Осломеј, а гасот до ТЕ-ТО и топланите во Скопје. Понатаму, динамика на испорака да биде согласно производниот план на ЕСМ и на крај да ги имаат обезбедено банкарските гаранции за сериозност на доставената понуда и за квалитетно извршување на постигнатите договори.
„Секоја понуда во насока на надминување на актуелната криза е добредојдена. Доколку пристигнат вакви комплетни понуди, согласно Законот за јавни набавски на енергенси, истите веднаш ќе бидат разгледани од Комисијата за јавни набавки на ЕСМ. Доколку понудите ги исполнуваат критериумите и доколку добие понуди по препорака на Мицковски имаат најниски цени и ќе донесат бенефит на државата и ЕСМ до 300 милиони евра, веднаш со тие компании ќе склучиме договори“, рече Ковачевски.
Лидерт на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера објави дека неговата партија преку контакти во Западна Европа пронашла поевтини количини на мазут и природен гас.
„Од Западна Европа пронајдовме мазут за ТЕЦ Неготино кој ќе може да обезбеди од 160 до 180 мегавати моќност, но електричната енергија да му се отстапи на бизнисот. Мазутот ќе биде за 200 евра поевтин по тон и заштедите ќе бидат 40 милиони евра. Можеме да договориме 250 милиони нормални метри кубни гас за централата ТЕ-ТО. Цената на гасот би била нешто повеќе од 200 евра. Инаку, во моментов за гасот што Владата го преговара со Србија треба да платиме повеќе од 700 евра“, рече Мицковски кој тврдеше дека ако се прифати нивните понуди, државата ќе заштеди 300 милиони евра.