Македонците во Албанија не треба да чувствуваат притисок и слободно треба да се изразат на претстојниот попис во земјата, изјави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање.
Премиерот посочи дека Македонците во Албанија се етаблирана заедница која има својата политичка партија, пратеник во Собранието, градоначалник.
Ние како држава сме секогаш присутни меѓу нив. Врз основа на пописот секој од нив ќе може слободно да се изрази во Албанија како Македонец, нормално и секој притисок доколку таков постои, не треба да подлегнуваат на него. А, она што го знам, е дека Албанија ќе го спроведе пописот врз основа на сите највисоки стандади на ЕУ и на Евростат, сигурно дека ќе спречи притисоци во поглед на какво било влијание врз кој било граѓанин без разлика на неговата етничка припадност – изјави Ковачевски,
Тој нагласи дека не се сомнева дека Албанија ќе спроведе попис по европски стандарди и дека ќе реагира доколку има притисоци и влијаниа врз македонското малцинство.
Премиерот Ковачевски ќе разговара со неговиот албански колега Еди Рама за проблемите на Македонците во Албанија на престојниот самит на Отворен Балкан во Белград.
Изјавата на Ковачевски доаѓа откако Македонци од Албанија се пожалија дека им се врши притисок од страна на Бугарија на претстојниот попис да се изјаснат како Бугари.
Денеска во работна посета на Албанија престојуваше Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, при што се сретна со истакнати активисти и претставници на Македонците од Албанија во Требиште и Пустец.
Д.Мишев