ВЕСТ НА ДЕНОТ
Зеленски денеска ќе го отвори Вториот онлајн самит на Кримската платформа, ќе се обрати и премиерот Ковачевски
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска, вторник, 23 август ќе го отвори Вториот онлајн самит на Кримската платформа на кој годинава ќе учествуваат повеќе од педесет претставници на странски земји. Самитот е предвидено да почне во 13:00 часот, а покрај државно-владиниот врв на Украина, претседателот Володимир Зеленски, премиерот Денис Шмигал, претседателот на тамошниот Парламент, Руслан Стефанчук, на Самитот ќе се обрати и македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Реинсалу: Зошто Естонија сега ги доживува најголемите сајбер напади од „Бронзените ноќи?“ Зошто поранешниот претседател на Русија пред две недели рече дека нивна вина е што Естонија е сè уште слободна земја? Мислам дека сите овие настани и разни дејствија се дел од поширок контекст, а целта на ова е да се изврши недвосмислен притисок со различни алатки врз Естонија и низа други земји кои ја поддржуваат Украина. Естонија ги смета изјавите на ФСБ како провокација од страна на Руската Федерација. Немаме ништо повеќе да се додаде на ова .
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Членовите на таканаречените „доброволни баталјони“ во Русија, кои се согласиле да бидат распоредени во војната во Украина, добиваат повеќе од 3.000 долари месечно, се наведува во најновиот извештај на Институтот за студии на војната (ISW) со седиште во Вашингтон.
Забележано е дека споменатите баталјони се формирани низ руските региони.
„Приморскиот крај им понуди на регрутите на возраст од 18 до 60 години еднократен бонус за запишување од 300.000 рубли (околу 4.980 американски долари) и месечни плати од 200.000 рубли (околу 3.320 долари)“, тврди ISW..
*
Американскиот Стејт департмент издаде безбедносно предупредување дека Русија ги засилува напорите да изврши напади врз цивилната инфраструктура и владините објекти на Украина во наредните денови.
Амбасадата на САД во Кијив ги повика американските граѓани кои сè уште се во Украина веднаш да ја напуштат земјата.
„Ако слушнете силна експлозија или ако се активираат сирените, веднаш побарајте засолниште“, советува Стејт департментот. „Ако сте во дом или зграда, одете на најниското ниво на структурата со најмалку надворешни ѕидови, прозорци и отвори; затворете ги сите врати и седнете во близина на внатрешен ѕид, подалеку од какви било прозорци или отвори“.
.*
Денот на независноста на Украина оваа година нема да биде одбележан само во Украина. Целиот демократски свет ќе го одбележи овој датум. Илјадници организации, институции и активисти од целиот свет веќе објавија програма со активности со кои ќе го одбележат Денот на независноста на Украина, на кои ќе упатат пораки на поддршка на херојскиот отпор на Украинките и Украинците против руската брутална агресија
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИЗБОРИ Државната изборна комисија на денешната седница ги објави конечните резултати од гласањето за градоначалник во општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа, како и за советници во Тетово.
Во Маврово и Ростуше за градоначаник е избран Медат Куртовски од коалицијата Најдоброто за мојата општина, предводен од СДСМ, а во Центар Жупа – Аријан Ибраим од Демократска партија на Турците предложен од владејачката коалиција.
УПИСИ Државниот просветен инспекторат (ДПИ) му наложи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и факултетите во негов состав да не им бараат на идните студенти Изјава за неконкурирање на друг универзитет и Изјава за неподигање документи при упис во академската 2022/2023, затоа што е тоа спротивно на Законот за високо образование.
ОДБРАНА Денеска во велешката касарна „Алексо Демниевски – Бауман“ полковникот Васко Коколански ја прими својата нова должност, командант на Командата за обука и доктрини во Армијата на Република Северна Македонија. Коколански досега ја вршеше должноста заменик-командант на Првата пешадиска бригада во Армијата, информираат од Министерството за одбрана.
ИЗВОЗ Во текот на изминатата 2021 година македонските винарии извезла вино во вредност од 61,4 милиони долари, што е зголемување од 19,1% во споредба со претходната 2020 година, пренесува Извоз.мк. Така според последното рангирање на Worldtopexports, Македонија лани била 29-ти најголем извозник на вина во светот.
ПОПЛАВИ По обилните врнежи вчера што го зафати Тетово и околината денеска е мирно и стабилно. Преку целата ноќ и раните утрински часови на ЈКП Tетово и ТППЕ Tетово работеа на нормализирање на состојбата во Тетово и околните населени места.
ДАНОЧНИ РЕФОРМИ Ако ја прашате власта – даноците нема да се зголемуваат, туку ќе се прошири даночната основа. Ако ги прашате економистите и фирмите – најавената даночна реформа ќе донесе нов “товар” на грбот на приватниот сектор. Порталб.мк преку ставови на економисти, бизнисмени, даночни експерти, невладини организации ќе анализира каков ефект ќе има најавениот нов даночен модел – кој ќе добие а кој ќе изгуби со реформите, веќе извесни дека стартуваат етапно, но првиот чекор ќе се направи на 1-ви јануари 2023 година.
ХУМАНИТАРНА КРИЗА Финансирањето за олеснување на хуманитарните кризи во светот е далеку зад она што е потребно за критичните барања како засолниште, храна, вода, струја и образование, известуваат од ОН. Кризите, вклучително и војната во Украина, пандемијата и сушата ја зголемија побарувачката. Иако донациите од богатите земји се зголемија, тие не го задржаа темпото, пренесува Њу Јорк Тајмс.
ПРАВДА Министерот за правда Никола Тупанчески соопшти дека на денешната седница на Влада ќе предложи да се формира меѓуресорска група како преодно решение која ќе дава мислење за историските личности во процесот на регистрација на здруженијата, информираат од Министерството за правда.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Зелен ЦИВИЛ (организациска единица на ЦИВИЛ) организира панел дискусија на тема „Зелени вредности, трансформација на општеството во корист на сите“, што ќе се одржи на 25 август, четврток со почеток во 12:30 часот. Учесници на панелот се Ива Петрунова магистер, инженер архитект, урбан социолог, доктор на општествени науки, Тони Поповски, архитект, политиколог, независен консултант, колумнист и Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ-Центар за слобода.
ДЕЗИНФОРМАЦИИ
Целта на дезинформациите во дел од македонските медиуми е да се придружи кон тековната националистичка кампања во организација на антизападните и проруските ентитети и инсталации во земјата, преку внесување страв и паника во јавноста и предизвикување етничка омраза и поделби. Доколку наиде на поширок одѕив, националистичката кампања во земјата има потенцијал да предизвика политичка и безбедносна нестабилност и криза што ќе ја одвлече Северна Македонија од евроатлантските интеграциски процеси, пишува Џабир Дерала во анализата „ Обид за предизвикување етничка омраза преку дезинформации врз основа на контроверзниот извештај на Дик Марти од 2010 година“
СЛОБОДНА ЗОНА
На 24 август Украина ја слави 31-та годишнина од Независноста, но сите ние веруваме дека се наближува уште поважен ден – победата над руските освојувачи. Украина трасираше исклучително долг и тежок пат до својата државност. Според историските податоци, се работи за илјадагодишна историја која започнува уште од времето на Антскиот сојуз и Кијивска Рус. Сепак, ќе допреме до поновите, потврдени историски факти кои имаа значително влијание врз формирањето на модерна Украина како независна и суверена држава, пишува Дарија Ѓоргиевска во “Ден на независноста на Украина: Историјата на празникот и неговото свето значење за Украинците“
Д.Мишев