Воспоставувањето родова еднаквост е општествено прашање, бидејки сериозно влијае и на развојот на државата, оцени претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на осмомартовскиот марш во Прилеп.
-Родовите политики се меѓу врвните приоритети на Владата. И во насока на примерите што ги посочив, ќе додадам дека новиот предлог на Законот за работни односи, содржи нови институти татковство и мајчинство, како и родителско отсуство, со што овозможуваме и татковците да се вклучат во грижата на своите деца со платено отсуство. За првпат досега, Владата ја донесе и Програмата за обезбедување социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност, со што за првпат се решава правото на користење надоместок за мајчинство, за време на спреченост за вршење земјоделската дејност поради раѓање, што не е опфатено со прописите за платено породилно отсуство од областа на работните односи – до усогласување комплетно системско решение на што веќе се работи, рече Ковачевски.
Според него потребно е, сите заедно, со здружени сили да работат на подигнувањето на свеста на сите аспекти на родовата еднаквост, од семејството – до општествениот статус.
-Можев во ова обраќање да почнам од постигнувањата што ги имаме направено на планот на унапредувањето на родовите политики, затоа што се во значителен број. Но, тогаш драги граѓанки и граѓани ќе бев на прес конференција. Ама јас сум овде, на овој Осмомартовски марш, организиран од Форумот на жени на Социјалдемократскиот сојуз, за да апелирам. До жените: Бидете гласни! Бидете активни Работете за вашиот успех! Барајте простор! Потребни сте – на државата, на општеството, во политиката, во бизнисот, во институциите, на нивите, во лекарските ординации, во медиумите, во училниците, во фабриките, во културата.
Само со вашата тактичност, верба, одлучност, какви што ги има само жената, можеме да ги движиме успешно економскиот развој и европските перспективи – напред. До мажите: Мораме да работиме заедно, затоа што можеме да успееме само заедно! Секој ден!, порача Ковачевски.