Владата на Северна Македонија ја осудува одлуката на Русија за признавање на Донецк и Луганск како самонаречени „Народни Републики”. Овој чин е директен напад врз територијалниот суверенитет и интегритет на Украина. Со него се кршат договорите од Минск и одлуките на Советот на ООН од 2015. Северна Македонија заедно со НАТО сојузниците повикува на решавање на конфликтот по дипломатски пат, изјави премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски за ЦИВИЛ Медиа.
„Во однос на второто прашање, што се однесува до економските импликации, во моментов и согласно сегашната состојба и сознанија, проценката е дека може да се очекува некое минимално влијание на металопреработувачката и градежната индустрија како најголеми увозници на украински производи од железо и нелегиран челик. Во случај на поголема ескалација, за очекување е дека овие сектори можеби ќе треба да бараат алтернативни пазари за овие производи. Во случај на воени дејствија од поголем размер пак, би можело да се очекува регионално и глобално влијание врз покачување на цените на енергенсите. Безбедносната состојба во Северна Македонија е стабилна и нема потреба од загриженост. Северна Македонија е дел од пошироката безбедносна заедница, од најголемиот воено политички сојуз и нашите граѓани не треба да бидат вознемирени. Работите се следат, како од домашните институции така и од НАТО, и се преземаат сите чекори за заштита на безбедноста и сигурноста. Ги осудуваме сите прекршувања на меѓународното право и заедно со сојузниците инсистираме на дипломатски дијалог и мирно решавање на кризата. Во духот на НАТО заложбите работиме во интерес на нашата колективна безбедност и заштита преку интензивна комуникација и координација со сите наши соседи и држави во поширокиот регион коишто се членки на НАТО.“, посочи Ковачевски.