Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со амбасадорот на Република Полска во нашата држава, Војциех Тицињски, при што и двајцата изразија заедничка определба за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, во областа на трговијата и странските директни инвестиции, пренесе МИА.На средбата е врачено писмо со честитки за мандатот на премиерот Ковачевски, од полскиот премиер Матеуш Моравјецки. Соопштено е и дека Полска ги поддржува европските перспективи на Северна Македонија.
На состанокот, како што соопштија од владината прес-служба, е разговарано и за ситуацијата во Украина. Премиерот Ковачевски ја нагласил цврстата позиција на нашата држава која е на линија на позицијата на нашите стратешки партнери во НАТО и ЕУ, односно категорична осуда на руската инвазија во Украина. На средбата е изразена заедничка определба за унапредување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Полска, во областа на трговијата и странските директни инвестиции, при што е пренесен интерес од Полска за соработка во областа на животната средина. Премиерот Ковачевски се заблагодарил за големата пријателска поддршка од Република Полска во европските аспирации на нашата држава, како и во други области од значење за граѓаните, како што е помошта од Полска за време на пандемијата.