Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за емисијата „360 Степени“ на Алсат ТВ, истакна дека Владата работи да обезбеди финансирање на државата по најповолни услови. Тој посочи на обезбеденото финансирање од „Дојче Банка“ и „Ерсте Банка“ и дека од исклучителна важност е тоа што успеавме да постигнеме договор со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), со кој како држава имаме на располагање 530 милиони евра.
Премиерот Ковачевски, истакна дека посетата на Абу Даби, е во насока на остварување директни средби со највисоки раководства на инвестициски фондови.
„Во Абу Даби, имаме закажано состаноци со четири инвестициски фондови, од коишто едниот е инвестициски фонд којшто инвестира во меѓународни финансии и таму сакаме да ја презентираме нашата можна еврообврзница за идната година. Целта е да обезбедиме каматни услови за финансирање на државата по поповолни услови од она што во моментов го има на мултилатералните финансиски пазари. Само за споредба, доколку го земеме целото задолжување коешто сме го направиле во текот на оваа година, ние префрливме депозити од 250 милиони евра од минатата година за оваа, а обично се префрлаат 100 милиони евра, меѓутоа со Министерството за финансии оценивме дека ова ќе биде исклучително кризна година и затоа го зголемивме тој депозит, кој е со каматни стапки коишто се под каматните стапки кои во моментов ги има на финансиските пазари“, рече премиерот Ковачевски и дополни дека веќе неколку месеци се работи на закажување на состаноци во Абу Даби со сериозни инвестициски фондови.
Запрашан дали при планирањето на патувањето за Абу Даби, Обединети Арапски Емирати, е водена смета за мерките за штедење донесени на владината седница во неделата, каде една од мерките е токму намалување на расходите за патување во земјата и во странство најмалку за 20 отсто, како и намалување на бројот на членови во делегациите при патување во странство., Ковачевски рече дека Владата веќе заштедила стотици милиони евра.
„Ние во текот на претходниот период намаливме за 200 милиони евра буџетски расходи за кои сметавме дека не се неопходни во услови на криза и тука, пред сè, се мислеше на службени патувања, репрезентација, набавка на возила што не се дел од техничко-технолошки возила во иституции во кои се потребни за извршување секојдневна работа, како Управа за јавни приходи, за инспектори или во здравство“, вели Ковачевски.
На прашањето колкумина ќе брои делегацијата во Абу Даби освен министрите, премиерот рече дека со него ќе дојдат уште две лица и дека нема ни потреба од повеќе.
Понатаму, тој подвлече дека државата го заокружи целокупното финансирање на Буџетот за годинава, со над 40 милиони евра заштеда како резултат на претпазливото управување со должничкото портфолио во услови на криза и глобалниот раст на каматните стапки.
Премиерот Ковачевски односите со ДУИ ги оцени како исклучително коректни, додавајќи дека особено продуктиви и професионални релации има со министрите од оваа партија во Владата.
Прашан за мислењето на претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, дека СДСМ и Владата имаат сервилен однос кон ДУИ, Ковачевски рече дека тој (премиерот) не користи таква терминологија.
„Можам да кажам дека ДУИ во Владата има квалитетни министри и дури сега во оваа криза, со оглед на ресорите што ги покрива ДУИ, а кои се најмногу изложени на справување со кризата, сметам дека министрите кои ДУИ ги има предложено се навистина квалитетни… Сервилноста, јас не сум бил дел од владата на Никола Груевски, меѓутоа верувам дека таквиот начин на комуникација и таквиот начин на функционирање повеќе би наликувал на такво време, меѓутоа јас не сум бил дел од тоа време“, нагласи Ковачевски.
Ковачевски смета дека е рано да се зборува за евентуален заеднички изборен настап со ДУИ на следните избори бидејќи очекува дека ќе се одржат во 2024 година.
Според него, изборите ќе бидат или на крајот на првиот квартал или почетокот на вториот квартал 2024 г. што значи дека има доволно време до тогаш.
Она на што треба да се фокусираме во моментов е остварување на програмата на Владата, но пред сè сите заедно во општеството, тука не мислам само на владејачката коалиција која докажа дека е концепт што сака да ја види Северна Македонија во Европската Унија, туку и сите други кои треба да помогнат прво во оваа енергетска и економска криза со која се соочуваме преку одблокирање на Собранието и учество во обврските кои како држава ги имаме во однос на што побрзо зачленување во Европската Унија“, подвлече Премиерот.