Во овие „Кратки нозе“, зборуваме и за една неполитичка, но не помалку опасна дезинформација. Популарната Лепа Брена беше злоупотребена од портал целосно непознат за македонската јавност со назив “Енциклопедијачајеви.стор“, кој користи лажни лични стории за да продава сомнителни медицински препарати.
Измамата, кој беше разоткриена на почетокот на септември во српската јавност, освен на непознатиот портал, осамна и на спонзорирана Фејсбук објава на македонски јазик на страницата „Мирис природе“, објавена на 23 септември, но која се уште излегува на тајмлајните на македонската публика. Објавата досега достигнала над 2600 реакции и 320 споделувања.
Приказната се пласира како лична сторија на Брена, која раскажува за здравствени проблеми со паразити и маки со лекари кои сакале само да и земаат пари давајќи и лоши терапии, што наводно и го нарушило опасно здравјето. На крајот од текстот, се нуди спасоносниот лек против паразити „Паразол“.
Се разбира, објавата е целосно лажна. Кога овој случај беше актуелен во Србија на почетокот на септември, Лепа Брена објави демант на нејзиниот Инстаграм профил. Во демантот, таа известува дека без нејзина дозвола се користи нејзиниот лик и интервју што никогаш не го дала за препарат што никогаш не го користела, и најави правни санкции.
Честопати на интернет а особено на социјалните мрежи може да се сретнат вакви објави. Без оглед дали се рекламираат здравствени препарати, техничка опрема или друго, речиси без исклучок, се работи за измами чија цел се неинформирани граѓани и лесна заработка.
Публиката треба да биде многу внимателна кон објави кои нудат лесни решенија за тешки здравствени но и други проблеми. Објавите од непознати страници и компании, без потпишани автори, импресум со имиња и презимиња на уредници треба да се избегнуваат, за да не се дојде во ситуација на тешко разочарувања, а олеснети паричници и банкарски сметки.
Петрит Сарачини