Во гостувањето на „Само Интервју“ на Канал 5 на 9 декември, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска зборуваше и на тема бесплатен јавен превоз за пензионерите.
„За пензионерите во секој случај неопходно e да се врати она кое што го имаа претходно… [новинар: секој ден да имаат бесплатнo]… затоа што тоа не е нивна привилегија, тоа е нешто кое што навистина e во нивен интерес. Мислам дека заслужиле, и како категорија на граѓани дека заслужуваат да имаат бесплатен јавен превоз.“
Меѓутоа, пензионерите од Скопје немаа никогаш бесплатен јавен превоз секој ден. Тој првично важеше во вторник и петок, а потоа беше проширен и со сабота и недела. Во текот на пандемијата, бесплатниот превоз во тие денови привремено беше укинат, па вратен.
Во кампањата за локалните избори 2021, поранешниот градоначалник на Скопје, Шилегов ветуваше „Бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата“. Арсовска, пак, ветуваше целосно бесплатен јавен автобуски превоз за сите скопјани, а не само за пензионерите. Според последното што го кажа таа во „Само интервју“, тоа ќе се одвива – етапно.
Изнесените невистини за секојдневен бесплатен превоз за пензионери во минатото, ја зголемуваат скепсата и за новите најави за бесплатен превоз за нив во иднина, но и за бесплатниот превоз за сите скопјанки и скопјани, што беше меѓу главните ветувања на Арсовска.
Иднината ќе покаже дали градоначалничката Арсовска ќе ги оствари ветувањата. Но, она што треба да го знае секој политичар е дека изнесувањето невистини не ја зголемува довербата во политичарите и нивните ветувања, туку напротив – ја намалува. Тоа е лекција која, порано или подоцна, секој од нив ја научува.
Автор и водител: Петрит Сарачини
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Стручен соработник на сценарио: Жарко Трајаноски