Оваа година „КРИК – фестивал за критичка култура“ се одвива како процес низ неколку етапи во годината. Четвртото издание на фестивалот е на тема „Човек без својства – политики на маргините“ и е посветен на разговор, критичко промислување и анализа на политичкиот, економскиот и, пред сѐ уметничкиот синдром , а тоа е синдромот на човекот без својства кој е во постојана залудна потрага по изгубеното време.
„Човекот без својства е човек на неприпаѓање, своевиден анархист, кој е во постојана потрага по методологијата со која практиките на неприпаѓање ќе ги вообличи во еманципаторски процеси. Бидејќи практиките на неприпаѓање водат во еманципација. Тој се обврзува кон процесите и кон изнаоѓање на вертикали на содржината преку која ќе го артикулира отпорот.
Во таа потрага по загубените својства и по наметнатите заедници, она што е е клучно е отсуството на стабилноста. Уметникот, граѓанинот, политичарот ќе мораат да прифатат – стабилност не постои. Постои непрекинато создавање на критички перспективи, кои се единствениот начин да се артикулира слободата во концентрични кругови на единството на различностите. Ние кои сакаме да раскрстиме со историјата на угнетувачките и понижувачките модели на припаѓање, копнеејќи по недопрените полиња на новите потенцијали на политичката имагинација, мора да ја присвоиме токму неа, нашата позиција на талкачи – позиција на постојано разликување од познатите својства на сегашните општествени, културни и политички коњуктури. Да се биде без својства значи можност да се мисли суштински новата политика, која не е посредувана од својствата на „овој свет“ и која постојано се обидува да се преобмисли и пресоздаде себеси на самите маргини и, преку тоа, да генерира уште повеќе можности за бегство од кој било збир на својства, кои се обидуваат да се воспостават како авторитет во однос на мислата и животот“, се вели во најавата на Крик – фестивалот.
Според агендата, вечерва со почеток во 19:30 часот, во Чифте амам, Национална галерија, започнува програмата од вториот дел на КРИК 04, а гостинка е Ариане Шпаниер, со своето чудесно издавачко и дизајнерско искуство, благодарение на соработката и долгогодишното органско партнерство со press to exit project space.
До крајот на ова, четврто издание на Фестивалот ќе гостуваат и познатите филозофи и теоретичари Борис Буден, Бранислав Димитријевиќ и Стефан Новотни, како и домашни учесници.
Во првиот дел на фестивалот кој се одржа во текот на јуни, учесници беа: Нејтан Браун, професор од Канада, Петар Милат, филозоф од Хрватска, Арон Шустер, американски писател и филозоф, Лина Гонан, филозоф и активистка од Хрватска, Станимир Панајотов, теоретичар од Бугарија. Во рамките на годинешното издание на КРИК, во септември се одржа и работилница за анализа на дискурс наменета за млади истражувачи со предавачите Мира Беќар, професор по применета лингвистика од Скопје и Викторија Костадинова, која предава на Универзитетот во Амстердам.
КРИК – Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија).
Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Северна Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 – 2020 и Град Скопје.