Фестивалот КРИК, за критичка култура, кој ќе се одржи од 21 ноември до 19 декември во Музеј на современа уметност во Скопје, има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе приднесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.
КРИК е отворена платформа низ која се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството. Во рамки на КРИК се промовираат теориските, социо-културните, економските и уметничките практики како важна алатка со која може да се менуваат општествените наративи.
„Нашата цел е преку КРИК 03, низ лабораториски концепт кој подразбира разноликост на уметнички и дискурзивни практики, да ги истражиме можните стратегии за реформулирање на псевдо императивните општествени и политички стабилности, создавајќи платформа за нови, нестабилни, критички политички и социо-културни наративи“, велат организаторите.
Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Фондација отворено општество – Македонија, Министерство за култура на Република Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 – 2020. Логистички партнери на фестивалот се: НУ Музеј на современа уметност – Скопје, Младински културен центар и порталот окно.мк Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа од Загреб и kuda.org од Нови Сад.
А. П.