ЦИВИЛ разговараше со Александар Кржаловски, директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка, за неодамнешното истражување на „Балкан барометар 2021“ на Регионалниот совет за соработка, кое детектира пад на поддршката за членство на Северна Македонија во ЕУ на досега најниско ниво од 53 отсто.
“Со мала ограда во однос на споредливоста на анкетите (сепак овде не е директно прашање за поддршка на членството во ЕУ), сепак може да се констатира дека очекувано – таа поддршка за членство во ЕУ е опадната после второто бугарско вето. И покрај постојаните охрабрувачки пораки од претставници на другите земји членки и нивни амбасадори во земјава, сепак премногу пати и премногу долго сме изложени на разочарувања и непринципиелни постапувања од ЕУ, за да се зборува за „мал застој“ или „дупки во патот“. Бесперспективноста, односно уверувањето дека и не се гледа баш начин (или брзо решение) како тој пат ќе се откочи, логично, го зголемува и евроскептицизмот и ја намалува поддршката за членство на Македонија во ЕУ“, изјави за ЦИВИЛ Медиа директорот на (МЦМС), Александар Кржаловски.
Тој смета дека тоа е веројатно и добро, за некакво „освестување“ дека секако сами треба да си го тераме патот кон сопствениот развој и да разбереме дека можеме тоа да го (на)правиме со свои знаења и сили, и дека не треба утопистички да ги слушаме мантрите дека “без ЕУ ни нема спас, ќе пропаднеме“ (еве 30 години сме без членство во ЕУ, па не пропаднавме)… А во тој процес и ќе демонстрираме дека сме способни, подобни и пожелни за членство во ЕУ.
„Тоа е всушност и таа алтернатива (без ЕУ) која ја живееме веќе 30 години. За жал се пропуштија многу шанси и досега, а и многу паметни луѓе одамна ја напуштија државата, а други не се нафаќаат да ја „оправат“ ситуацијата, па се препушти водењето на државата на многу партиски медиокритети, што не дава многу надеж дека и оваа алтернатива ќе биде поуспешна“, смета Кржаловски во однос на прашањето на ЦИВИЛ Медиа, што може да се направи во насока на подобрување и зголемување на довербата на граѓаните во ЕУ.
Д.Т.