Наместо со формални честитки за одбележување на 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација реши на овој ден посветен на најмаргинализираната група во нашето општество, да дејствува проактивно и објави општи препораки до институциите.
-Препораките ги носиме врз база на претставки што сме ги работеле и сме заклучиле дека со истиот проблем се соочуваат поголем број лица. Тогаш законот ни овозможува самоиницијативно да упатиме општа препорака и да го следиме нејзиното спроведување. За жал, мислам дека многу слабо се напредува во заштитата на постојните права и нивното унапредување, изјави на денешната прес-конференција претседателката на Комисијата, Весна Бендевска.
– Главно и основно, во државата се уште нема регистар колку лица со попреченост има, во кои делови и со каков вид на попреченост се соочуваат. Но, не сметам дека работите треба да се остават така, сите заедно можеме да придонесеме. Ги охрабрувам и здруженијата, и самите лица да се охрабрат и да поднесуват претставки, додаде Бендевска.
Комисијата објави четири општи препораки до институциите за отстранување на системска дискриминација кон лицата со попреченост, со цел унапредување и заштита на правата обезбедени со ратификацијата на конвенцијата на ОН за права на лицата со попреченост.
Првата општа препорака се однесува на унапредување на правото на здравствена заштита, и пристапот до вакциналните пунктови на лицата со попреченост во услови на пандемија. Се препорачува на Министерството за здравство во најкус можен рок да ја исполни клучната обврска содржана во точка 45д. од Акцискиот план за 2021 година, изработен од Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост за обезбедување достапност и пристапност до здравствените установи и здравствените услуги, со отстранување на физичките препреки до здравствените установи, особено до вакциналните пунктови. Исто така, се препорачува на МЗ да преземе мерки и активности за информирање на лицата со попреченост во однос на процесот на имунизација во формати прилагодени на нивните специфични потреби.
Уште една препорака до МЗ е да организира процес за издавање на соодветни потврди на лицата со попреченост кои поради здравствената состојба не смеат да се вакцинираат. Се препорачува на Комисијата за заразни болести да предложи до Владата усвојување на посебен пакет мерки за ефикасна здравствена заштита и начин на имунизација на лицата со попреченост, а тие мерки да ги земат предвид видот и степенот на попреченост како и здравствената состојба на секое лице во услови на пандемија со КОВИД-19.
Втората е насочена кон унапредување и заштита на човековите права и достоинство на осудените лица со попреченост и почитување на нивниот физички и ментален интегритет за време на издржувањето на казните во казнено-поправни установи и казнено-поправните домови. За таа цел, се препорачува Министерството за правда да подготви и предложи дополнувања на Законот за извршување на санкции со кои ќе предвиди законско прецизирање на класификацијата и начинот на третман на осудените лица со попреченост во зависност од степенот и видот на попреченост, нивните специфични права за време на извршување на санкцијата, минималните стандарди за хигиенско-санитарните услови во просториите каде ќе бидат сместени за време на издржувањето на казната како и посебните права од здравствена заштита на овие лица и во согласност со истите да подготви измени и дополнувања на Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи и казнено-поправните домови.
Понатаму, се препорачува Управата за извршување на санкции да изготви акциски план за мерки и активности и да обезбеди финансиски средства за овозможување на целосна инфраструктурна пристапност на и во објектите во кои се сместени осудените лица со попреченост што ќе им обезбеди слобода на движење со медицинските помагала, како и мерки и активности за реконструкција на санитарните јазли и соодветни хигиенски услови во истите.
Се препорачува Народниот правобранител кој дејствува како Национален превентивен механизам чија основна задача е превенција на тортура и друг вид сурово, нечовечно и понижувачко постапување или казнување, да изврши вонреден надзор во казнено-поправните установи за да го утврди бројот на лица со попреченост кои издржуваат затворска казна и условите во кои се сместени, како и квалитетот на здравствените услуги што им се обезбедуваат.
Третата општа препорака од КСЗД е до Државната изборна комисија, во најкус можен рок да ги преземе сите потребни дејствија во насока на обезбедување на пристапност и соодветно приспособување на гласачките места, со што ќе се овозможи еднаков пристап на лицата со физичка попреченост до и во гласачките места ширум земјата. Овие мерки и дејствија треба да обезбедат гласачките процедури, објекти и материјали да се соодветни, пристапни и разбирливи за лицата со попреченост, со цел остварување на правото на учество во јавниот и политичкиот живот на лицата со попреченост на еднаква основа со другите.
И последната, четврта општа препорака објавена денес се однесува на имплементацијата на одредбите содржани во Конвенцијата за правата на лицата со попреченост во соодветното домашно законодавство со цел да се обезбеди и промовира остварувањето на човековите права и слободи на сите лица со попреченост без каква било дискриминација врз основа на попреченост.
Се препорачува Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост да подготви годишен извештај за реализација на Акцискиот план за работа 2021 година, а при изготвувањето на планот за 2022 година, да предвиди обврски на ресорните министерства да започнат процес на измени и дополнувања на постоечките ресорни закони со кои ќе се транспонираат одредбите содржани во Конвенцијата, а се однесуваат на тие ресори.
На Владата и се препорачува да ги усвои предложените измени и дополнувања на законите и да ги достави до Собранието на усвојување, кое треба да ги процесира овие измени и дополнувања на законите во скратена постапка, за да стапат во сила , доколку е можно, во текот на 2022 година., додека на МТСП се препорачува во најкус можен рок, да започне со активности за формирање Регистар на лица со попреченост според степен и вид, за да може да се проектираат реални и ефикасни политики во насока на унапредувањето на правата на лицата со попреченост загарантирани во Конвенцијата.
– Кога ја лоцираме оваа популација како најмаргинализиран дел, тоа значи подигнување на летвичката на повисоко ниво, и сериозна работа, да почнеме со имплементација на одредбите во законите, а потоа , кога се законски утврдени надлежностите, да се бориме за нивните права, изјави Бендевска во одговор на новинарско прашање.
Драган Мишев
Камера и монтажа: Ариан Мехмети