Потпретседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Габриела Кулебанова, на јавениот настан на ЦИВИЛ „Рендгенска снимка на Пописот“, порача дека правењето и имањето попис е многу значајна алатка за бизнис заедницата, во однос на демографските промени и потенцијалот врз кој се прават анализите за понатамошните економски текови во државата.
„Забелешката дека ние во државата немавме попис 19 години. Пропустот што од политичка волја немавме попис, е проблем на нашата држава. Тука ние изгубивме многу и затоа немавме толкав напредок, колку што можевме да имаме, и на економски план. Не смееме да си го дозволиме ова во иднина“, изјави Кулебанова.
Важноста на Државниот завод за статистика во секоја држава, нагласи Кулебанова, е клучен момент за секакви планирања, особено за нас како комора, затоа што тука треба да ја добиеме сликата и врз база на тоа да направиме план каде сме сега и што треба да одиме понатаму.
„ДЗС треба да биде меродавна и вистинска база и да има вредност, точност и тежина. И тие податоци да ни служат за планирање. Ние повикуваме да има базично поврзување меѓу институциите. Пописот е битна алатка и патоказ за понатаму. Како економисти ќе ги чекаме резултатите од пописот за да не правиме грешки понатаму“, додаде Кулебанова.
Настанот е дел од проектот „Граѓански објектив“ кој ЦИВИЛ го спроведува со финансиска поддршка од Националната фондација за демократија.