Со пораки за мир, слобода, љубов, пријателство и ненасилство, преку креативно и заедничко творење, ЦИВИЛ ја спроведе работилницата „Заедно за иста цел“, со учениците од средните и основни училишта во Куманово.
На вчерашната креативна работилница присуствуваа и професорите по ликовна уметност, како поддршка на своите талентирани ученици, но и претставници на Општина Куманово и СВР Куманово, Оддел за превенција. Работилницата ја водеше тимот на ЦИВИЛ преку едукација за човековите права и слободи, решавање на конфликти преку дијалог и ненасилство, заедничко креирање и делување на младите луѓе во општеството.
На работилницата учествуваа 18 ученици чии творби заедно со сите што учествуваа на ликовниот конкурс „Заедно за иста цел“ што трае до 6 мај, ќе бидат изложени на мултимедијалниот настан што ќе се одржи на 8 мај во Домот на културата „Трајко Прокопиев“, Куманово.
Мултимедијалниот настан ќе биде проследен со видео проекции, музика, сценски настап на учениците од гимназијата и доделување на награди за најуспешните учесници на конкурсот за ликовни творби.
ЦИВИЛ го спроведува проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“ со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје.
Б. Јордановска