Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, по средбата што ја имаше со косовскиот премиер Албин Курти и останатите четворица дипломати, рече дека очекуваа повеќе разбирање за тоа што нуди француско-германскиот предлог, пренесува Газета експрес.
Тој рече дека средбата била отворена и искрена, но додаде дека таа не била лесна и дека меѓународната делегација очекува поголемо разбирање за предлозите што ги презентирала.
„Целта на средбата беше да се разговара за предлогот за нормализација што му го презентиравме во септември, а потоа во декември. На состанокот бевме повеќе од два часа, што значи дека средбата не беше лесна, беше долга, но многу отворена и искрена. Рано е да се даде каква било драматична изјава бидејќи сме на средина на мисијата и ќе продолжиме во Белград. Не можам многу да кажам. Очекувавме подобро разбирање на можноста што ја нуди предлогот и дека ќе се искористи потенцијалот на овој предлог и ќе продолжиме да работиме на ова“, изјави Лајчак.
Лајчак рече дека заедничката посета со американскиот дипломат Габриел Ескобар и советниците од Франција, Германија и Италија „сам по себе е сигнал дека сме посветени на нормализација на односите меѓу Косово и Србија“.
Н. А.