Поранешниот министер за образование и портапарол на ДУИ, Арбер Адеми, се огласи на социјалните мрежи откако се појави лажна кривична пријава со неговото име, наводно поднесена кон министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на БЈБ, Александар Јанев, за како што пишува: „Планирање, организирање и помагање на лице поврзано со тероризам и терористички организации кое се бара по меѓународна потерница. Бидејќи истите направиле злосторничко здружение и дозволиле лицето Блерим Рамадани да побегне од Република Северна Македонија во Република Косово“.
„Клеветата, конструкциите, склоповите и обидите да не вмешаат во глобалните сценарија се патетични, нехумани. Измислувањето лажна мејл адреса со моето име и презиме и злоупотребата за лажни и непостоечки пријави на други луѓе е најниското ниво на транспарентност. Со индигнација и згрозување ја отфрлам оваа монструозност на злоупотреба на моето име, но на било кое друго, од ниски политички мотиви и да се повредат другите. Јас, пак, не сум човек кој се крие, затоа „газдите“ што му служат на ВМРО, подобро да бидат покреативни во скандалите“, стои во објавата на Адеми.
Поддршка доби и од неговиот сопартиец, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби кој на својот Фејбук профил пишува:
„Направете некоја добра работа и не се обидувајте со вакви клевети и монтажи да ја дефокусирате јавноста од катастрофалните национални неуспеси со јазикот, знамето, бркањето на Албанците од работа, балансерот, бадинтерот, рушењето на Охридскиот договор и србофилијата во Владата“.
Ваквата лажна пријава доаѓа истиот ден кога министрот за внатрешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ оствари средба со Панче Тошковски министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, во СВР Куманово, каде што, покрај за намалување на метежот на граничните премини, разговараа и за справувањето со миграцијата и заедничките патроли.
Дехран Муратов