Министерството за внатрешни работи демантира дека синоќа имало престрелка во скопската населба Ченто како што објавија дел од медиумите.
Во соопштението од МВР се наведува дека се работи за сообраќајна незгода, а не за престрелка.
„Дел од порталите, вечерва шират лажни вести за наводна престрелка во скопската населба Ченто и дури лицитираат со повеќе убиени. МВР апелира до граѓаните да не наседнуваат на вакви подметнувања и да не веруваат на лагите кои ги пласираат овие портали, туку да се информираат од професионалните медиуми, кои објавуваат проверени информации“, се наведува во синоќешното соопштение од МВР.
Дел од медиумите ја избришале лажната вест, некои не ја избришале туку го објавиле само демантот, а некои медиуми го сменија само насловот.
Порталот вечер.прес објави лажна вест со наслов – „И вечерва пукање: Престрелка во Ченто“, но кога ќе се кликне на веста има друг наслов – „Тешка сообраќајна несреќа кај последна 23-ка во Ченто“.
Од „пукање и убиства“, до „сообраќајна несреќа во Ченто“ има голема разлика. Дезинформациите и лажните вести во последниот период се засилуваат. Со вакви лажни вести се внесува страв и несигурност на граѓан(к)ите, и има обид да се разниша довербата во институциите, во случајот во полицијата.
Д.М.