Лажни вести е вид на „жолто новинарство“ или пропаганда која се состои од намерни дезинформации или измами што се шират преку медиумите или онлајн социјалните мрежи.
Веста потоа честопати се одразува како дезинформации во социјалните медиуми, но често може да се забележи и во информативните програми на мејнстрим медиумите. Лажни вести се пишуваат и објавуваат обично со цел да се доведат во заблуда, за да се наштети или да се стекнат финансиски или политички поени кои честопати користат сензационалистички, нечесни или целосно фабрикувани наслови за зголемување на читаноста.
Лажното информирање на јавноста се прави со цел намерно да се објави некоја пропаганда или дезинформација, а социјалните мрежи се користат за да се засили нивното ширење и нивната читаност. Разликата помеѓу лажните вести и вестите што служат за забава или сатира е во тоа што со првите се прават напори да се заведат читателите за финансиски, за политички или за други цели.
Лажните вести често се поврзани и со говорот на омраза, односно многу од нив се користат за да ги исплашат луѓето или да им наметнат некакво лошо мислење за одредена група.
Говорот на омразата преставува термин кој означува говор чија намера е да деградира, вознемири, да предизвика насилство или активности, врз основа на предрасуди врз основа на нивната раса, род, етничка припадност, националност, сексуална ориентација, родов идентитет, хендикеп, политички ставови, занимање или изглед или која било друга особина, против едно лице или групи.
Според законот, говор на омраза е секој говор, гестикулација или однесување, пишан текст, или приказ кој што е забранет поради можноста да поттикне насилство или предрасудно дејствување против или од страна на некоја заштитена индивидуа или група, или поради што се деградира или заплашува одредена индивидуа или група.
Светот, а ниту нашето општество, не се имуни на феноменот „говор на омраза“. Честопати наидуваме на секакви навреди, повици за насилство и слично, особено на социјалните мрежи, онаму каде што надлежните не можат во целост да делуваат. Социјалните мрежи се исполнети со секакви погрдни зборови, служат и за групирање на одредени поединци каде ги разменуваат своите деструктивни пораки.
Говорот на омразата и лажните вести во ЦИВИЛ може да се пријават и анонимно. Важно е да се направи скриншот од постовите и коментарите што содржат говор на омраза и лажни вести, како и линковите од тие содржини, односно од нивните автор(к)и. Пријавувањето на говорот на омразата и лажните вести, како и за сите останати нерегуларности, е возможно и преку онлајн апликацијата на веб страницата Слободни избори, доколку се работи за изборен контекст. Во поширок контекст, пријавувањето може да се направи со испраќање на Фејсбук порака на ЦИВИЛ или преку е-пошта: [email protected].
Коментари и постови со говор на омраза на социјалните мрежи и во медиумите може да се пријават и во МВР. На веб страницата на МВР постои Црвено копче на кое може да се пријави злоупотреба на деца, трговија со луѓе и криминал од омраза и повикување на насилство.
На располагање на совесните граѓанки и граѓани е и мејл адресата [email protected] на која може да се пријавува говорот на омразата. Во пријавата, треба да се наведе име на корисникот и линк до интернет содржината.
А. Петровска
Со цел да придонесе кон јакнење на јавната свест за правото на глас, како и за нерегуларностите во изборните процеси, ЦИВИЛ започна со серија едукативни текстови за различни аспекти на изборните процеси.
Граѓанките и граѓаните што имаат информации за кршење на правото на глас, злоупотреби, притисоци и други нерегуларности во текот на изборниот процес, можат да пријават на онлајн формуларот Слободни избори или да контактираат со ЦИВИЛ на [email protected], во инбокс на ФБ страницата на ЦИВИЛ или да се јават на 02/5209176.