ЛДП е апсолутно против широки коалиции кои може да предизвикаат поголема политичка криза, смета пратеничката од оваа партија Моника Зајкова.
Според неа, парламентарното мнозинство и Владата се стабилни и затоа не го дели ставот на Павле Трајанов од Демократски сојуз дека се потребни широка коалиција и предвремени избори.
– Не би се согласила со оваа констатација на Павле Трајанов, затоа што, според она што го гледам во парламентот, мнозинството е стабилно, а можеме да видиме и дека Владата работи во полна пареа и ги менаџира предизвиците со кои се соочува. ЛДП е апсолутно против вакви широки коалиции, изјави Зајкова за ТВ Сител.
И политичкиот аналитичар Мухамед Халили смета дека не е време ни за предвремени парламентарни избори, ни за широка владина коалиција.
Халили, коментирајќи го предлогот на пратеникот и лидер на Демократски Сојуз, Павле Трајанов за широка владина колација коалиција изјави за „Локално“.:
– Неспорно е дека земјата е во економска и управувачка криза како што и цел свет е во економска, финансиска и енергетска криза. Излезот засега не го гледам ни во превремени парламентарни избори, ниту во широка владина коалиција. Широката коалиција ќе се создаде два табаора во иста влада и тогаш ќе се создаде нефункционална Влада и блокирани владини институции.