Џон Ленон веројатно еден од најголемите борци за човековите права, кој, за жал, на 8 декември 1980 година, во Њу Јорк беше убиен од зад грб додека се враќаше кон својот дом.
Џон Ленон ја испрати веројатно најсилната порака за човековите права каде преку своја песна „Imagine“ кажа дека го замислува светот како место во кое не треба да постојат земји, религии, не треба да има убиства, да не постои посесивност, го замисли светот да живее во мир, рече и дека можеби мечтае, но сигурно не е единствениот, со надеж дека еден ден сите ќе се приклучат кон тоа …
* * *
Борбата за човековите права не смее никогаш да престане, не смее никогаш да биде погазена, не смее никогаш да заврши. Таа е должност, на сите свесни граѓани на светот. И кога велам граѓани на светот мислам на космополитите, оние кои треба да ја продолжат борбата.
И, кога ќе видам со какви пробелми се сочуваат граѓанските активисти, особено оние за човекови права и на кој начин истите се третирани, честопати сум се враќал дома поразен и погазен – душевно и сум се прашувал, вреди ли сево ова?
Што мислите вие?
Вреди ли сево ова?
Она што јас гласно секојдневно се прашувам е:
Постојат ли уште голем број на оние кои сеуште мечтаат и сонуваат за мирен свет, мирен живот, нормално место за живеење? Постојат ли уште луѓе кои ќе се приклучат кон оваа инцијатива за гласно да му кажеме на светот дека ние сѐ уште мечтаеме да сме спокојни, мирни и мирољубиви? И тоа никогаш нема да престане.
Она што ние сакаме да го раскажеме на ЦИВИЛ ФЕСТ е да дека никогаш нема да престанеме гласно да говориме дека борбата за човековите права никогаш нема и не смее да заврши. Таа е приоритет, таа е љубов, таа е грижа, таа е разбирање, таа е борбата за сѐ она што Џон Ленон, пред да биде брутално убиен, ја раскажа во својата „Imagine“, а тоа е дека светот треба да се разбере како место во кое не постојат религии, не постојат убиства, не постои посесивност, туку постои само љубов, разбирање и мечтаење.
ПС: Уредниче, остај ми го Имеџин во оригинал, ОК?