ЉУБИША НИКОЛОВСКИ
11 октомври што македонската држава ќе го прослави утре, сигурно нема да биде еден од датумите што наскоро заеднички ќе се одбележува со Бугарите.
За да се случи тоа, ќе треба многу време за „администраторите“ да сфатат дека нè администрирале, ама со фашистичка чизма на нозете, а ние, администрираните да прифатиме дека некои од нас по „собствено желание“ сакале да бидат администрирани од администраторите, за и тие да се здобијат со некоја администраторска позиција.
Велам овој процес може да трае до недоглед само затоа што проблемот е во начинот на кој на Балканот ги одбележуваме историските датуми од нашето минато, кое нели секогаш е славно, без ралика дали се работии за победи или за порази.
И тоа така си се одвива со децении. После секоја битка, секој си одел дома како победник.
Но времињата сега се нови, а и луѓето се други-и некогашните администратори, а и администрираните.
Границите на државите што го определуваа патриотизмот на народите во минатото, исчезнуваат. Децата и внуците и на победниците и на поразените, на освојувачите и на поробените од славните минати времиња минуваат секојдневно на другата страна од границата, која од ден на ден е се помалку „друга“.
Некогаш завојуваната Европа се обедини, ги тргна бариерите и рапмпите на граничните премини, создаде еден пазар, заедничка надворешна политика, една валута.
А ние сеуште на митинзите и прославите говориме за славното минато на нашите дедовци и прадедовци фалејќи се со храброста на нашите татковци кои точно, се бореа за себе, но и за нас. Тие тогаш пред себе имаа свој непријател и тоа го правеа на начин и средства кои им стоеја на располагање.
Нападот на Участакот освен во учебниците, сакаме и преку долгите поводни говори на политичарите и преку јавниот дискурс да им го конзервираме и да им го вметнеме во колективната меморија на младите, но се чини дека во нивната рам меморија нема место за тој фајл и системот не го препознава.
Светот одамна се глобализирал. Интернетот им отвори работни места на начин да седат дома а да работат за некогашни „фашисти“, за поранешни „империјалисти“ и да заработуваат десет пати повеќе од своите татковци. И веројатно ним (на татковците) за тоа не им е жал, напротив се гордеат со нив.
Оттаму дајте на 11 октомври и на сите други зимски и летни празници, да не го забораваме нападот врз Участакот во Прилеп, ниту првата пушка во Куманово, но пред се да говориме за нашите предизвици, и за нашите битки што ни претстојат.
Новите генерации треба да се подготват да го „нападнат“ и да го освојат Брисел, Стразбур и цела ЕУ, со она што им стои на располагање-умот и цивилизациските вредности.
На тој пат и тие ќе се сретнат и со Бугарите, и со сите други од историјата на нивните татковци, но сега не за да војуваат туку да соработуваат. А за тоа треба и мудрост и храброст.
Патриотизмот и сега постои, тој е природно вметнат во гените на граѓаните, но има друга појавна форма.
Некој мудрец некогаш рекол: Лесно е да си херој во војна, тешко е тоа да бидеш во мир.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.