Во знак на солидарност со палестинскиот народ, денеска на плоштадот Македонија се одржа протестен марш, кој следи откако повторно ескалираше ситуацијата во појасот Газа каде веќе една седмица има интензивни судири меѓу организацијата Хамас и израелската армија.
Организациите Гласни идеи и Социјален центар Дуња се организаторите на овој протестен марш, кои на почетокот на маршот беа поставени пред Камениот Мост, но брзо потоа, групата се префрли на плоштадот Македонија да го продолжи својот мирен марш, откако група граѓани и граѓанки се појавиле за поддршка на Палестинците од Газа со националистички и верски симболи и скандирања, по што морала да интервенира полицијата. Тие својот протест го продолжија пред Музејот на холокаустот во Скопје.
„Стоп за окупацијата на Газа. Стоп за бомбардирањето и стоп за присилното иселување. Нема место во 21 век за етнички чисти територии. Големите идеи за големи држави, етнички чисти треба да сотанат во минатото. После Белград, Сараево, Приштина и Љубљана и тука во Скопје го дигаме гласот во заштита на обесправените народи“,порача Зоран Василевски, еден од учесниците на протестниот собир.
Од социјалниот центар Дуња велат дека протестот бил „узурпиран“ од непознати сторители, по што смениле локација.
Голем дел од граѓаните кои дошле на протестот се почувствувале повикани, но не биле добредојдени, по што настана мешаница на двете групи. Со скандирање Allahu Akbar и држење транспаренти и банери со натписи „Ал Акса секогаш ќе ни значи“, „Стоп за крвопролевањето во Палестина“, „Против присилно иселување“. „Израел, целиот свет гледа“, половина час од почнувањето, протестниот марш се растури сам од себе.
Ирена Крџиќ
камера и монтажа: Ариан Мехмети