Публикацијата „Локални избори: Научени лекции“ во која се објавени извештаи, анализи, коментари и препораки на ЦИВИЛ, што произлегуваат од долгорочниот и краткорочниот мониторинг на политичките и изборните процеси, сега е достапна и онлајн. Публикацијата е на сто страници и е само прва од четирите кои се однесуваат на спроведувањето на Локалните избори 2021.
Тимовите на ЦИВИЛ и Редакцијата ЦИВИЛ МЕДИА во публикацијата објавуваат мноштво содржини со кои се фрла светлина на начинот на спроведување на изборниот процес. Посебно внимание во анализите се посветува на политичкото финансирање, изборните реформи и информацискиот хаос.
Во ова значајно издание на ЦИВИЛ, меѓу другото, се објавува правната експертиза од Сандра Гавриловска, финансиска анализа од Ленче Попчева, преглед на настаните поврзани со изборните реформи од Биљана Јордановска, медиумска анализа на дезинформациите и црната пропаганда од Петрит Сарачини и на говорот на омразата од Жарко Трајаноски. Политички коментари и анализи пишуваат Зоран Иванов и Џабир Дерала, кој е автор и на воведот.
Повеќето содржини се подготвени ексклузивно за оваа публикација. Публикацијата беше претставена на јавниот настан на ЦИВИЛ на кој, освен претставници на ЦИВИЛ, говореа и Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска и членот на ДИК, Борис Кондарко.
Публикацијата може да се преземе на овој ЛИНК и може да се користи според лиценцата Creative Commons 4.0 (со задолжително наведување на линк и извор).
Во завршната белешка, авторките и авторите на публикацијата наведуваат:
ЦИВИЛ го набљудуваше изборниот процес како компонента во други проекти и тоа: „Европски перспективи“ со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, „Граѓански објектив“, поддржан од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy) и институционалната поддршка на организацијата од Програмата Цивика Мобилитас, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ).
Организацијата им благодари на сите набљудувачи, соработнички и соработници кои дадоа несебична поддршка и посветено работеа на спроведување на изборниот мониторинг. Голема благодарност и до огромниот број граѓанки и граѓани кои ја искажаа својата поддршка и доверба за ЦИВИЛ.
Ставовите изнесени во оваа публикација се одговорност на ЦИВИЛ и на авторките и авторите и не ги одразува ставовите на донаторите.