Не дека тој сакаше да биде така, но му кажале наводни дипломати и амбасадори дека навистина ќе биде така. И со таа сигурност, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, пред еден месец се кладеше јавно со сите други 119 пратеници од македонско Собрание дека во март нема да добиеме датум за преговори со Европската Унија.
“Јас се обложив со сите вас дека во октомври нема да добиеме датум, и добив. Не дека јас го сакав тоа, туку поради тоа што е реалност. Ниту сега нема да добиеме преговори во март”, изјави Димовски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ тогаш обвинуваше дека е лажна надежта за добивање датум, а се фалеше дека знаел и за октомври месец, кога фактички, не дека Северна Македонија не заслужуваше датум, туку Франција условуваше со новата методологија не дозволи носење на одлука за датум пред изгласување на методологијата.
“Немојте да манипулирате со јавноста за датумот. Една важна земја членка на ЕУ вели дека не е важно само да се донесе, туку како ќе се донесе законот за ЈО”, рече пратеникот Димовски.
И згора на сѐ, тој тогаш тврдеше дури дека амбасадорите не биле задоволни од Законот за Јавно обвинителство, закон кој потоа испадна дека е еден од најсилните аргументи кој на земјата ѝ донесе позитивна одлука за отворање преговори, а евроскептиците ги остави без аргумент.
“Ви кажаа дека не е важно да се донесе законот, туку како ќе се донесе. Вие имате контакти со амбасадорите и знаете дека тие знаат сѐ. Особено за случајот ‘Рекет’, и тие, верувајте, знаат и каде завршила торбата ‘Луј Витон’ со парите и во кој град”, тврдеше Илија Димовски на парламентарна седница на 14 февруари 2020, кога се дискутираше токму за Законот за Јавното обвинителство.
Арбен Зеќири