Промоционална средба со читатели на „Маалски прикаски (1+2)“ на Синиша Станковиќ, новинар, граѓански активисти и пред сè, скопјанец, што вчера се одржа во Центар за култура „Трајко Поркопиев“, Куманово, беше одлична можност за реконструкција на едно време и едно маало што буди носталгија, но и носи дух на едно минато и сегашност што полека исчезнуваат на патот кон иднината.
Средбата со читателите и чувство на блискост со маалските кумановски приказни, ја збогати актерот Горан Илиќ, со читање на фрагменти од расказите, а маестралните уметници, рок музичарот Дарко Трајановски на гитара, членовите на ансамблот „Македонија“, Марко Младеновски и Ристе Ѓеоргиев, кои свиреа на кавали, канон и кларинет, ги споија сите елементи на една урбана, македонска, балканска, приказна, со носталгичен тон на едно неповратно време.
„Маалски приказни (1+2)“ во својот нетипичен формат, се збогатени со фотографиите на деветемина познати македонски фоторепортери: Ѓорѓи Личовски, Огнен Теофиловски, Роберт Атанасовски, Боро Грдановски, Томислав Георгиев, Наке Батев, Андреј Гиновски, Радован Вујовиќ и Маја Златевска.
Освен во Скопје, во два наврати, главната промоција во кино „Фросина“, МКЦ и средба со читателите во книжарницата „Или -Или“, „Маалските прикаски (1+2)“ на Синиша Станковиќ се раскажаа и во Кавадарци, Струмица, Битола и Прилеп. Се очекува патешествијата на маалските прикаски да продолжат и во ноември во Охрид, Велес…
Текст и фотографија: Биљана Јордановска