Поранешниот амбасадор на нашата земја во Хрватска, Махи Несими, поднел приватна тужба за отштета за, како што вели, последиците и неправдата која му ја нанесе лустрацијата спроведена во време на режимот, а која потоа се поништи со закон во Собранието на Република Северна Македонија.
Во интервју за ЦИВИЛ Медиа, екс амбасадорот раскажува за живот со етикета прикачена од тогашната Комисија за верификација на фактите, за која вели дека била политичка, а не професионална. Во овој дел од интервјуто, Несими тврди дека му бил нарушен угледот пред познатите и блиските луѓе, а имал и финансиски и економски последици.
„Тоа беше во 2011 година и мора да кажам дека јас целосно бев изненаден од една таква одлука, односно такво решение од страна на таа фамозна комисија, бидејќи се знаев себеси и знам што сум работел во минатото, знам со кои луѓе сум контактирал, кои биле моите ставови во врска со тогашните политички прилики во државата и навистина бев зачуден како може ова да се однесува на мене. Нормално дека со оглед на тоа дека јас сум бил и сум јавна личност, јас сум се занимавал во 1990 година активно со политика и два пати сум бил генерален секретар на ПДП, прва политичка партија на Албанците во Македонија, потоа амбасадор на Република Македонија во Хрватска, со многу широк круг на пријатели, разни профили на интелектуалци, големо семејство на интелектуалци, итн, и сето тоа нормално мора да влијае и психолошки, емоционално на човекот, во овој случај на мене“, изјави Несими.
Сепак вели Несими, за негова среќа, голем дел од пријателите му дале морална поддршка и го почитувале и покрај силниот удар што му го зададе тогашната власт. Одлуката за прогласување како соработник на поранешните служби, Несими ја цени како политички нарачана, а како доказ за тоа спомнува и еден од прислушуваните телефонски разговори, каде тврди дека високи функционери на ДУИ, бараат негово бркање од работа.
Освен него во тоа време и неговиот син останал без работа, а лично него му било одземено и правото да се именува или бира на некоја функција или позиција, вели Несими.
Поранешниот амбасадор и поранешен функционер на првата партија на Албанците, ПДП (Партија за демократски просперитет), не изјави за висината на сумата која ќе ја бара како оштета, но вели дека ќе бара да му биде надоместена материјалната и нематеријалната штета која ја предизвикала одлуката на Комисијата за лустрација.
Арбен Зеќири
камера: Атанас Петровски
монтажа: Б. Јордановска