Во Струга денеска ќе се одржи петтата прослава на „Денот на Европската територијална соработка“, со која Македонија и Албанија, како земји кориснички на ИПА прекуграничната програма, ќе се придружат кон останатите земји на Европа кои повеќе од 20 години ги прославуваат резултатите од успешната територијална соработка.
Најавено е обраќање на министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, на претставник од партнерското министерство од Република Албанија, како и на Елвис Али, претставник од ДЕУ во Република Македонија.
Ќе се направи и избор за најдобро видео на тема „Пет причини зошто сакам да ја посетам мојата соседна земја“ од натпреварувачи од Македонија и Албанија, а ќе се одржи и саем на ракотворби на изложувачи од Битола, Прилеп, Крушево, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Корча, Поградец, Либражд, Елбасан…
ИПА програмата за прекуграничната соработка меѓу Република Македонија и Албанија „2014- 2020“ е одобрена од страна на Европска Комисија во декември 2014 година. Во рамки на конкретната програма е склучен договор за услуги меѓу Министерство за локална самоуправа и Делегацијата на Европска Унија во Скопје со кој е предвидено користење на техничка помош за Министерството за локална самоуправа и Министерството за европски интеграции во Република Албанија.
Целиот процес на активности за имплементација на ИПА програмата за прекуграничната соработка меѓу Република Македонија и Република Албанија „2014-2020“ е започнат од 2016 година.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.