Оливер Андонов
Веднаш, на почетокот да напишам многу разбирливо за сите (посебно за да разберат оние малициозните), дека кај мене нема двоумење. Македонија пред сѐ! Јас стојам на овој слоган. Македонија е пред сѐ, пред сите нас поединечно и нашите ситни, минливи, лични, а кај некои лица под маски кој се претставуваат за патриоти и само такви национални бранители, посебно изразени лукративни интереси. Токму во овој слоган е и суштината зошто Македонија треба да биде дел од ЕУ и тоа што поскоро.
Ете приврши прошетката до САД, помина и „френетичниот“ аплауз по обраќањето на професор, доктор, премиер, Мицкоски пред преполната сала на Генералното собрание на ООН во кое пред целиот свет кажа дека: „Имаме намера да станеме сериозна држава“. Ами во меѓународните односи државите како меѓународно правни субјекти се по автоматизам сериозни, без разлика дали како нам за жал, ќе им се погоди во континуитет да имаат несериозна власт.
Свршија и средбите на „ултра високо ниво“ и средбите во организација на Блажо Ѓорев, па така сега би требало, би било пожелно (заради менталното здравје на нацијата) да се вратиме во нормалноста. Иако, може да констатирам дека има нешто скапано во нашата дипломатија ем надворешно-економска кога еден сомнителен „бизнисмен“ организира деловни средби со бизнисмени од САД и тоа не помалку, туку на професор, доктор, премиер, Мицкоски.
Но за тоа да си размислат самиот професор, доктор, премиер Мицкоски и неговите ептен независни судство и обвинителство. Тоа што требаше да го кажам во врска со политичкиот аспект на посетата на Мицкоски на САД и во тој контекст политичките средби го кажав во минатата колумна и нема смисла понатаму да се пишува за тоа, а и не сакам да расправам за глупости и показатели на празноста, за кои една колумна нема да биде доволна. Дури и интервјуто за националната телевизија МТВ од Њујорк, не сакам да го коментирам, затоа што е само уште една не изненадувачка ПР глупост.
Сепак, постои Собрание, па ете, пратениците нека му постават прашања на професор, доктор, премиер, Мицкоски за се што ги интересира или за што смеат да го прашаат или пак ќе им биде нарачано да го прашаат (ова испадна троумење со или-или-или во Собранието, каква трилема, како ребус). Можеби колега му Апасиев ќе му ги објасни предностите и демократските достигнувања на Путин по набљудувањето на изборите или нешто слично што се нарекува избори во Русија. Нека си споделат искуство и можеби некоја порака, иако убеден сум дека Апасиев му нафрли добра топка на колегата му Мицкоски.
Интересен е овој Димче Апасиев, но за неговата „политика и улога“ друг пат, само да ве потсетам дека одамна ви реков дека е Троцкист и таква му е и улогата на македонската политикантска сцена. Постојано му нафрла добри топки, сега пак откај Зјуганов, директно во Стон Бриџ (Stone Bridge) на соработка со 12:05 на шемаџиите од СДС не знам кое. А и за тоа ви напишав дека е СДС умрено. Ама не го умре способноста на професор, доктор, премиер Мицкоски, сами се умираат, со секој чекор, или можеби таква е наредбата од Москва, а Димче само им ја пренел преку свој човек. Многу ме интересира како Филипче ќе реагира на оваа „нова“ соработка.
Значи, како што веќе напишав, пратениците нека прашуваат, ако смеат или… А тој, професор, доктор, премиер, Мицкоски нека се објаснува и дообјаснува и нека нѐ забавува уште еден месец со посетата во САД, при што ќе се наслушаме фалби и дефокуси од непријатни прашања, ќе се нагледаме божем дебатни емисии и изјави (во доза од три пати на ден) од страна на Мицкоски и по некое гостување, негово и на Тимчо за да ни дообјасни ПР-от што правеа десет дена и кусур, семејно во САД, а на наш грб.
Најмногу ќе следиме приземни расправи на социјалните мрежи со понекој досетлив или саркастичен коментар. Колку да не заборавиме дека народот наш има жив дух, но и да видиме дека не му веруваат на професор, доктор, премиер Мицкоски. Но нема да слушнеме што конкретно направија, а уште помалку ќе видиме ефекти – позитивни, за Македонија и македонските граѓани од прошетката и средбите на „ултра високо ниво“. Потоа за еден месец се ќе се заборави, како и да не било (ами кој се сеќава или коментира за времето кога беше во периметерот на Трамп), ПР-от ќе нѐ замајува со други теми кои уште од сега се подготвуваат, а ќе си остане двоумењето дали сме за Македонија или за ЕУ.
Двоумење кое е потполна бесмислица. Наменето исклучиво за „млатење празна слама“, чешање јазици и истурање „памет“ пред граѓанството, а богами посебно погодна за продавање на патриотизам со работен наслов, дека „Македоња не ја даваме“, и името исто така, не го даваме, за друго, може редовно си даваме ама не не боли – погледнете ги сликите од посетата на САД и „ултра високото ниво – за да немате дилеми, а посебно кога повторно ќе биде актуелно: ИДЕНТИТЕТОТ НЕ ГО ДАВАМЕ!
Патем, кога сме кај ОДБРАНАТА НА ИДЕНТИТЕТОТ (тука нема надлежност министерот за одбрана, тој се занимава со медицински прошетки во регионот) – кој никој и не ни го бара, темата со Бугарија и блокадите, уцените, билатерализацијата и слични термини за оправдување на лимбо состојбата на државата, нема двоумење. Тоа е секогаш корисна тема, дури и од дистанца од преку „Барата“, кога нема за што друго да се зборува, но и добро употреблива во однос на засилувањето на двоумењето кај дел од нашите сограѓани кога е во прашање „дилемата“ – Македонија или ЕУ.
Зошто не постои такво прашање во реалност, односно зошто не треба да си го поставуваме прашањето – двоумењето: „Македонија или ЕУ“? Едноставно затоа што Македонија е дел од Европа. Ние како држава припаѓаме на Европскиот континент и како што рекол Наполеон: „Географијата е неумолива“. Тоа е факт кој не можеме да го смениме па колку и да чекаме и на глава да стоиме сите колективно на чело со професор, доктор, премиер, Мицкоски и тоа во следните 100 години (верувам дека тој може да стои на глава и 200 години, самиот кажа дека може да чека). Доколку разумно и свесно го прифатиме овој непобитен факт дека Македонија е во Европа, тогаш да го прифатиме и фактот дека САД се во Америка, односно, преку „Барата“.
Како факт може да кажеме и дека Кина е далеку, на другиот крај на светот, а и Москва баш не ни е близу, освен во празните глави на некои политиканти и заблудени ликови, за што подетално ќе ви објасни Апасиев. Слава на Бога што сме далеку од оној касап од Кремљ инаку ќе поминевме како Украина, Грузија, Ерменија и други нејзини соседи кои не се свестија на време да си влезат во НАТО каде што нас нѐ набутаа, но не благодарение на лицето З.З. како што некои сега сакаат тоа да го претстават. Уште повеќе, Македонија е опкружена со земји членки (или во блиска иднина членки – за кои некој зборуваше дека никогаш нема да бидат членки) на ЕУ, и главните патни коридори, а уште повеќе патните коридори кон пристаништата нѐ поврзуваат со ЕУ и поминуваат низ територијата на држави во, или кандидати за членство во ЕУ.
Европа преку ЕУ како политичка организација е сојуз на влади уреден со Лисабонскиот договор, но посебно географски како континент припаѓа на таканаречената поморска моќ (see power). Европа – ЕУ излегува на сите мориња кои ја опкружуваат, односно на светското море и тоа низ топли, во секое време пловни рути. Тоа несомнено влијае врз поморската моќ, способноста за трговија и транспорт, а сето тоа влијае врз развојот на економијата. Централно-европските држави кои како и Македонија немаат излез на море, преку ЕУ – Шенгенот и Еврото, имаат еднаков пристап до тие поморски пристаништа, па така Европа има и копнена моќ (land power). Европа, поради географијата има влијание врз Блискиот Исток (тоа е веќе Азија) и врз Северна Африка, а и подлабоко. Го контролира Средоземното море во најголем дел, а тоа што е проблем во поморските патишта се каналите и протоците. Но тоа не ја намалува драстично моќта на Европа и нејзината улога како глобален Актер.
Проблемот на Европа е нејзиното децениско потпирање на сојузништвото со САД (во кое по Втората Светска војна беше уверена дека ќе биде вечно) во однос на стратешките нуклеарни сили пред сѐ, но и во однос на воените поморско-копнени сили што ја направи прекумерно пацифистичка, но не и слаба, посебно во однос на економијата и „меката моќ“ која ја поседува во огромни количини и способности.
Европа не се надеваше на Трамп и на неговите политики, но тоа воопшто не значи дека ЕУ ќе падне, ќе се распадне, нема да биде способна да функционира и слични небулози кои ги слушаме од божем аналитичари веќе со децении, а не се остваруваат. Во тој контекст, овие „аналитичари“ зборуваат исклучиво за „тврдата моќ“ која доколку го земеме примерот на Русија во Украина и не се покажа како успешна. Сепак, Украинците веќе пет и повеќе години успешно се бранат, а во последно време и враќаат територии кои беа окупирани од Русите, а за загубите на руската страна кои се големи и да не зборуваме.
Токму благодарение на политиките на Трамп, Европа се разбуди и иако малку споро за наш вкус, таа застанува што се вели „на свои нозе“ во однос на одбраната – војнички или со „тврдата моќ“, која, пред сѐ, ќе биде одбранбена не напаѓачка. Дури и воено-технолошки Европа е многу понапред од Русија, посебно во употребата на современите технологии и AI. Можеби ќе биде потребно уште малку време да се ослободи – справи од/со хибридните дејства на Русија, а посебно во однос на политичките екстремистички процеси во некои европски држави, но токму низ инструментот на мека моќ и тоа ќе заврши. Секако ќе завршат и анти-ЕУ политиките на владите и поединците на Балканот и тоа многу наскоро, токму со употребата на „меката моќ“.
Тука погледнете го примерот на Македонија и регионот. Еклатантен пример на божем „балканска итроштина“ во судир – надмудрување (да не употребиме некој друг пежоративен термин) со европската мека моќ. Некои би рекле стапот и морковот – американска терминологија. Но ЕУ не го држи стапот. Дури и стапот е кај нас во Македонија и ние сами се удираме со тој стап.
Нема реформи (не зборувам за ПР реформите колку убаво се живее или дека сме прва, втора, трета економија) во ниедна област на државата, со што извештаите од ЕУ се од година в година се полоши, но затоа и нема пари од ЕУ фондот за развој. Оваа година добивме едвај 67 милиони евра и тоа наменски средства и „ветени“ уште 140 милиони евра до крајот на годината – ако бидеме добри, во што баш не верувам, повеќе би рекол, доколку ни се смилува ЕУ. Ни се укина ИПАРД фондот и си имаме мака со земјоделието, потоа се укина и ИПА фондот.
Така, самите се удираме со стапот наместо со тој стап да ги дофатиме ќесињата на европските фондови. Многу едноставно и видливо не само врз нашиот пример, туку и во регионот. Србија на пример е исклучена од програмата за развој, пред прекинување на преговорите и во избори кој многу ќе влијаат врз регионалните процеси, а Босна е далеку од се и на апарати. Ете во кое друштво се најдовме по 25 години, откако 2001 година пред сите во регионот го потпишавме договорот за асоцијација и стабилизација.
Оттогаш наваму, Бугарија и Романија се далеку пред нас, со Грција не можеме ни да се мериме, Албанија е подобра од нас, Црна Гора исто така, а и Хрватска секако, членка е на ЕУ со сите свој проблеми. Ете очигледни примери зошто треба Македонија да е над сѐ. За да бидеме поуспешна и економски постабилна држава, а македонските граѓани да живеат подобро и побогато во уредена држава. Токму тоа ја става Македонија пред сѐ. А ќе биде реално доколку бидеме во друштвото на богатите и успешните и со стапот кој ни го даде ЕУ си ги дофатиме фондовите кои ни се на располагање. Но ние упорно се држиме во лимбо состојба.
Затоа и нема двоумење, околу прашањето дали сме за Македонија или за ЕУ. Тоа е безобразно, провоцирачко, манипулативно и нечесно прашање кое суптилно се исправа пред македонските граѓани и тоа во контекст дека треба да донесат одлука „или-или“. Секако, однапред знаејќи дека со една таква манипулација е погодено во целта, посебно доколку не се размислува за оваа замка, и секој би ја избрал Македонија. Подоцна да може да се става во други не европски не цивилизациски и анти хуманистички контексти со крајна цел манипулација со чувствата на македонските граѓани, нивно спротивставување и слабеење на кохезивноста на нацијата и просперитетот на државата. Но најповеќе со држењето на македонското општество надвор од европските цивилизациски процеси и напредок.
Дел од оние наши сограѓани кои ова го разбраа и ги увидоа одамна или од скоро, можностите за нормален живот и европеизација ги препознаа надвор од Македонија. Голема е опасноста уште повеќе од оние, посебно млади луѓе, кои ја препознаваат измамата во божем одбраната на идентитетот и божем изборот – Македонија или ЕУ, да заминат од Македонија, токму во таа ЕУ.
На Македонија ѝ треба европеизација, а не глупави и манипулативни дилеми. Македонија е во Европа и со тоа природно припаѓа кон ЕУ. Кога може Канада да има чувство за геополитичка припадност кон ЕУ, а секако за да ја засили сопствената позиција, Македонија нема потреба да има дилема. Македонија е раскрсница на регионални многу важни коридори и токму таа географска предност мора да ја искористи и тоа во рамките на ЕУ. Македонија нема да го загуби идентитетот со членството во ЕУ, туку ќе го засили на многу начини, дури и поединечно кај секого од нас Македонците.
Потребно е само да бидеме свесни за тоа каде се наоѓаме географски, каде се наоѓаме вредносно, каде имаме можности за економски развој и поврзување и особено за тоа колку не замајува глупиот ПР наменет за глупи луѓе.
Ова колумна не е напатствие за употреба на прашањето за Европа, ова е буквален судир со реалноста за сите оние кои живеат во илузии и мислат дека треба да се ловат на глупаво поставени дилеми.
Македонија е во Европа. Македонија во ЕУ. Заради тоа што Македонија е на прво место. Македонија е над сѐ!
Проф. д-р Оливер Андонов е професор на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Дозволено е преземање со атрибуција и линк.
Независното новинарство, слободниот говор и граѓанското општество се брана против лагите, пропагандата и злоупотребата на моќта.
Поддржете го ЦИВИЛ и помогнете ни да продолжиме независно, истрајно и во интерес на јавноста.












