Во статијата Кој ги организира првите олимписки игри?, објавена во „Македонска нација“ на 3 ноември 2021, a преземена од објава на страницата „Историја на Македонија“ од 2010 година, се тврди дека „Македонскиот Bладетел Александар Први бил организаторот на првите Олимписки Игри.
„ЗНАЧИ ОРГАНИЗАТОР БИЛ АЛЕКСАНДАР ПРВИ ВЛАДЕТЕЛ НА МАКЕДОНИЈА И СЕ ОДИГРУВАЛЕ НА СBEТАТА ПЛАНИНА ОЛИМП, BО МАКЕДОНСКА ТЕРИТОРИЈА…“, се тврди во објавата на „Македонска нација“.
Но, ова тврдење е далеку од она што го тврдат историските записи на речиси сите порелевантни светски извори. Имено, историски е познато дека Александар I Филхелен живеел од 498-454 п.н.е, а дека древните Олимписки игри започнале да се одржуваат неколку века претходно во местото Олимпија кое се наоѓа на полуостровот Пелопонез, кој инаку не бил дел од Античка Македонија уште во 776 п.н.е. Тоа е повеќе од два века пред да се роди Александар Први „Филхелен“, на кого му било допуштено да се натпреварува на Олимписките игри.
Оваа невистина која послужила за пишување на цела статија е типичен пример за начинот на кој се третира историјата на Балканот. Честопати се посегнува по манипулирање со историските факти, само за да се докаже супериорноста на еден народ во однос на другите, или пак да се докаже позицијата на историска „неправда“ или „фалсификување“, од страна на „непријателите“.
Затоа, публиката треба да биде внимателна со вакви содржини, кои најчесто се среќаваат на страници што немаат блиски врски со историјата како наука, и кои често се користат за изградба на етноцентрични наративи што создаваат поделби и конфликти меѓу граѓаните.