Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во координација со МВР и ОЈО, на 18 септември 2026 година презела истражни дејствија кон македонски државјанин надоврзан на странски фактори кои се креатори на пропаганден апарат со мрежа на портали интегрирани и во македонскиот медиумски простор.
„Поради основано сомнение дека е сторител на КД „Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“ по член 319 од КЗ, „Одавање службена тајна“ по член 360 од КЗ и „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ по член 394-г од КЗ, извршен е претрес во неговиот дом при што се пронајдени и одземени предмети кои во моментов се предмет на дополнително вештачење“, соопштуваат од АНБ.
Псевдо-портали и дезинформации
Според АНБ, вистинските актери на пропагандната мрежа, која Агенцијата ја поврзува со руски интереси, се обидуваат да го прикријат своето дејствување преку клонирани псевдо-портали регистрирани со македонски интернет-домени.
Како што се наведува во соопштението, преку овие псевдо-портали се шират лажни вести и дезинформации, како и се преобликуваат наративи за актуелни настани. Целта, според АНБ, е поткопување на довербата во институциите и поттикнување етничка и национална омраза и нетрпеливост.
Наведените активности, според Агенцијата, претставуваат продолжение на претходно попречени проруски хибридни активности на македонски државјанин поврзан со овие пропагандни мрежи. За него претходно била поднесена кривична пријава за кривичното дело „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од член 394-г од Кривичниот законик.
АНБ соопштува дека, во рамки на своите надлежности, ќе продолжи со активностите за детектирање и спречување на субверзивно-пропагандни активности преку мрежа на портали кои, според Агенцијата, се поврзани со регионални проруски политички структури.
Од АНБ оценуваат дека ваквите активности директно ги поткопуваат стратешките евроинтегративни процеси на земјава.
Во пресрет на посетата на Фон дер Лајен
Интересно е што акцијата е спроведена на 18 септември, но соопштението на АНБ за откривање на пропагандна мрежа и истражните дејствија кон македонски државјанин доаѓа токму во пресрет на утрешното пристигнување на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, во Скопје. Посетата е посветена на европската перспектива на Северна Македонија и процесот на пристапување кон ЕУ.
Д. Муратов
фото: Принтскрин АНБ
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.











