ВЕСТ НА ДЕНОТ
Северна Македонија го одби „францускиот предлог“
Самитот ЕУ-Западен Балкан, што траеше повеќе од три часа, заврши во Брисел без заедничка изјава и без прес-конференција. Кабинетот на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел соопшти дека закажаната конференција е одложена поради недостиг на време бидејќи состанокот траел подолго од планираното, а заедничката декларација не била ни закажана.
Бугарскиот премиер Кирил Петков, кој пред самитот со Западен Балкан изјави дека нема изгледи за деблокирање на отворањето на преговорите со Скопје на самитот, навести дека решението може да се постигне на наредните денови.
Нацрт-заклучоците што треба да ги усвојат лидерите на ЕУ за време на самитот ја повторуваат „целосната и недвосмислена посветеност“ на перспективата за членство на земјите од регионот и повикуваат на „забрзување на процесот на пристапување“.
Премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама по завршување на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел соопшти дека Предлогот на француското претседателство за деблокада на нашиот европски пат во ваква форма, каква што е во моментов, е неприфатлив.
„Предлогот на француското претседателство за деблокада на нашиот европски пат во ваква форма, каква што е во моментов, е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за Владата, за коалициските партнери и за граѓаните на Северна Македонија.
Што се однесува до францускиот предлог, најпрво би сакал да упатам благодарност до претседателот Макрон за неговиот ангажман и за вложениот напор за изнаоѓање решение. Во тој динамичен процес на работа со француското претседателство ние ги соопштивме нашите позиции и црвени линии“, рече Ковачевски.
Тој ги повтори клучните елементи под кои би бил прифатлив предлогот – чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка, преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот и цврсти гаранции и од Бугарија и од ЕУ дека Софија нема да условува со нови барања надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол, кој се уште не е усогласен со бугарската страна.
ЦИВИЛ ЗА МАКЕДОНСКОТО НЕ: Ни претстојат турбулентни политички денови, но европската ориентација останува
ФЛЕШ ВЕСТИ
БУГАРИЈА Доскорешниот бугарски премиер Кирил Петков ја префрли вината директно на Русија и моќната мафија во неговата земја, откако на неговата влада во средата и беше изгласана недоверба, пишува Политико.
САМИТ Во Брисел, денеска започна дводневниот Самит на Европската Унија за Западен Балкан, на кој учествува и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, информираат од владината прес служба.
На Самитот на кој учествуваат шефови на држави и влади на Европската Унија и од регионот на Западен Балкан ќе се разговара за пошироката Европа, Западен Балкан, Украина, апликациите за членство во ЕУ од Украина, Република Молдавија и Грузија, како и економските прашања и надворешните односи.
ПРЕС Во Брисел е откажана прес-конференцијата на лидерите на ЕУ што требаше да се одржи по Самитот ЕУ-Западен Балкан.
На прес-конференцијата требаше да говорат францускиот претседател Емануел Макрон, како актуелен претседавач со ЕУ, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
ГАС Германската Влада ја активираше втората од трите степени на планот за вонредно снабдување со гас, соопшти денеска Министерството за економија.
Во соопштението од германското Министерство за економија се наведува дека „снабдувањето со гас во моментот е сигурно, но оти ситуацијата и понатаму е тензична“.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Над 150 објекти од културата се делумно или целосно уништени за време на речиси четиримесечната војна во Украина, соопшти денеска Организацијата за наука, образование и култура на Обединетите нации (УНЕСКО).
*
„Денеска, 22 јуни, е Ден на жалост и сеќавање на воените жртви. Таа војна. Војна која требаше да остане засекогаш во историјата на XX век и никогаш да не се повтори. Но, тоа се повторува, истакна Зеленски и додаде: Денеска не недостигаат зборови дека Русија на 24 февруари го направи истото како нацистите на 22 јуни. Многу е кажано за ова. И сакам да додадам само една работа. Потоа поминале 1418 дена од утрото на инвазијата до поразот на агресорот. Мора да ја ослободиме нашата земја и да постигнеме победа, но побрзо. Многу побрзо. Ова е наша национална цел и мора да работиме на нејзино остварување секојдневно. Не само државата, туку и секој граѓанин – на ниво на кое тоа е можно“, изјави украинскиот претседател Зеленски.
МУЛТИКУЛТУРА
Доколку постои култура на дијалог, толеранција и приспособување кон различностите на луѓето со кои сме во креативен дијалог и креативна соработка, тогаш сите сфаќаат дека другите може да бидат различни ама со нив може и треба да се живее, соработува, да се прават проекти, идеи и иднината да се потпира врз сигурни и стабилни односи, вели Живко Андревски, комуниколог, универзитетски професор, доктор на науки за ЦИВИЛ Медиа, за тоа како да бидеме „чекор напред кон мултикултурно општество“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Постои ли некој државен систем околу кој се согласуваат граѓаните дека функционира на корист барем на поголемиот дел од нив. Не знам дали е до системите или до нашиот менталитет, ама никако да се сетам на нешто такво. Овде не мислам на јавните изјави за институциите од едната или другата страна на политичкиот спектар, туку на мислењето на обичните луѓе.“, Војо Маневски во колумната „Шмушкање цитрони“.
„Јас навистина не знам во кој момент наоѓате оправдување за ваков терор, со кои очи гледате херој во ѕвер како Путин, кога во сопственото месо сте стрелани со истите стрели, во истиот момент. Немам јас ништо против рускиот народ што е веројатно првата жртва на режимот што ја киднапира власта во Русија, што е осуден да живее во медиумски мрак, што е подложен на сериозна тортура, на пропаганда, на прогони, на беда и сиромаштија, на стигматизација згора на сè од страна на сите оние што ставаат знак на еднаквост меѓу Пушкин и Лавров, меѓу бабичката од Сибир и олигарсите.“, Тања Кармзова Костиглиола во колумната „Со кои очи гледате херој во ѕвер како Путин?“
Д. Тахири