Денеска навршуваат 4 години од убиството на маилот Алмир. Да беа поинакви состојбите во нашето општество тој денеска ќе имаше осум години, ќе завршеше второ одделение, сега ќе беше на распуст и можеби ќе читаше лектири, или ќе се обидуваше да ги прескокне играјќи фудбал со другарите…
Алмир Алиу беше прегазен од Бобан Илиќ на 25 јуни 2016, по банална расправија на семејствата Илиќ и Алиу пред Здравствениот дом во Куманово. Алмир почина на 2 јули 2016 година.
Првообвинетиот Бобан Илиќ, прво беше обвинет за убиство, а потоа делото беше преквалификувано во тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Судскиот процес беше со постојани тензии, а беа организирани и протести пред судот во Куманово и во Скопје. Последниот голем протест беше одржан пред Владата, каде граѓаните бараа од властите да обезбедат фер судење.
Основниот Суд во Куманово пред десет дена повторно го осуди на 6 години затвор, Бобан Илиќ од Куманово, за сторено кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Кога веќе Алмир не може да биде тоа што сака, тогаш барем нека биде симбол за борбата која не смее да престане. Во име на сите кои ги загубија животите благодарение на несовесни суштества заштитени подобро и од белите мечки. Нека биде симбол за борбата против неправдата! Почивај во мир малечок!
Маја Ивановска