Во ноќта кога Њујорк избра градоначалник со најлевичарска програма во поновата историја, Зохран Мамдани се качи на бината пред преполн салон во Бруклин и им се заблагодари на поддржувачите што „ја земале иднината во свои раце“.
Победата на 34-годишниот демократски социјалист на чело на градот, дојде по кампања во која критичарите зборуваа за „опасен експеримент“, а симпатизерите за „реална надеж“ дека трошоците за живот конечно ќе престанат да ја дават метрополата.
Во анализа на американскиот деловен магазин и дигитална платформа Форбс, идентификувани се 26 милијардери или милијардерски семејства кои вложиле вкупно над 22 милиони долари во трката, обидувајќи се да го сопрат пратеникот во собранието на Њујорк, кој води на анкетите.
И додека десетици милијардери и деловни интереси вложуваа милиони за да го спречат, приказната имаше и неочекуван пресврт: најмалку двајца милиардери јавно застанаа на страната на Мамдани.
Според Forbes, станува збор за филантропката Елизабет (Лиз) Сајмонс и коосновачот на GitHub, Том Престон-Вернер — редок раскол во инаку монолитната милијардерска антипатија кон новиот градоначалник.
Патот до Градската управа на Њујорк (Сити хол) Мамдани го трасираше со програма што ветува замрзнување на кириите за стабилизирани домови, забрзана изградба на достапни домови, бесплатен автобуски превоз, проширена грижа за деца и покачување на минималната плата до 30 долари до 2030 година — со финансирање преку повисоки даноци за најбогатите и за корпорациите. Со тие пораки победи во трката што ја следеше целата земја.
Според Форбс, на теренот на „независните трошоци“ (super PACs), про-Мамдани фронтот го предводеше комитетот “New Yorkers for Lower Costs”, кој привлече илјадници донатори и неколку крупни уплати. Елизабет Сајмонс донираше 250.000 долари — најголемата поединечна донација во тој комитет — кој вкупно собрал речиси 2 милиони долари од околу 300 донации, според прегледи на пријавите. Дополнително, поврзани структури објавија и поддршка од 100.000 долари од супер-ПАК на CAIR („Unity & Justice Fund“).
Како се финансираше противкандидатот — и колку беше силен фронтот против Мамдани
Паралелно со про-Мамдани донациите, независната кампањска машинерија во полза на неговиот главен противник, поранешниот гувернер Ендру Куомо, собра драматично повеќе пари, се наљведува во статијата на Форбс.
Преку супер-ПАК-ови како Fix the City, Defend NYC, Put NYC First и Anyone But Mamdani, милијардери и деловни групи вложија десетици милиони долари. Мајкл Блумберг предводеше со вкупно околу 13,3 милиони долари (вклучително и 5 милиони по примарните), а на листата беа и Бил Ајкман, Џо Гебија, Роналд и Вилијам Лодер, Стив Вин, Даниел Леб, Бери Дилер, Лори Тиш и Алис Волтон со поединечни прилози од неколку стотини илјади до милиони долари.
Уште во јуни, про-Куомо Fix the City доминираше во надворешното трошење за примарните, со големи прилози кои јавноста ги поврза со Блумберг и други корпоративни донатори; покрај тоа, landlord-поддржаната иницијатива Housing for All најави дополнителни 2,5 милиони долари за промоција на агендата на Куомо за домување. Во финишот пред изборниот ден, Блумберг придодаде уште 1,5 милион долари на прокуомов супер-ПАК, додека други донатори продолжија со агресивно анти-Мамдани огласување.
Во поширок спектар, медиумските пресметки бележат над 20 милиони долари насочени за да се блокира Мамдани — бројка што варира по извор, но го доловува размерот на мобилизацијата против него. И покрај тоа, кандидатот победи со кампања што се потпираше на мали донации и силно волонтерско јадро.
Зошто тогаш двајца милијардери — Сајмонс и Престон-Вернер — би отскокнале од таа матрица? Во либералните кругови, дел од одговорот е идеолошки: филантропски ориентирани богаташи кои веруваат дека нееднаквоста може да се коригира со агресивни јавни политики. Вториот дел е прагматичен: Њујорк се бори со криза на достапност и застој во домувањето, а „размрдувањето“ на статус-квото им изгледа како неопходност, дури и ако тоа доаѓа од левицата.
Правната рамка останува внимателна кон границата меѓу кампањите и „независните“ трошења. Градската комисија за финансирање на кампањи (CFB) води детални евиденции за надворешните трошоци и за изворите на средствата на независните трошачи — вклучително и за „New Yorkers for Lower Costs“ — со што јавноста може да следи кој кого и со колку поддржува. Во следниот период ќе стане појасно колку точно овие износи влијаеле врз конечниот исход и дали имало прекршувања на правилата.
За Мамдани, политичката сметка е едноставна: мандатот е тука, очекувањата се енормни, а критичарите веќе предупредуваат дека дел од најамбициозните идеи ќе налетаат на државни и законски ограничувања. Во еден град каде што големи донатори често ја диктираат динамиката, најгласниот критичар на милијардерите — барем некои од нив — доби и милијардерска поткрепа. Парадокс што веројатно ќе ја следи неговата администрација од првиот ден.
Подготви: Д. Тахири












