Порталот МКДенес.мк објави манипулативен текст со наслов „ВОНРЕДНА ВЕСТ: Арачиновец пукал во ПОЛИЦАЕЦ на ЕБР во Чаир, дали ќе добие субвенции?“, со кој се потикнува етничка нетолеранција.
Во текстот меѓу другото пишува „Нема информации дали убиецот ќе биде притворен или ќе добие субвенции од Буџет, како дискриминиран граѓанин“.
Со овој текст се дезинформира и потпалува јавноста дека наводно напаѓачот на припадникот на ЕБР нема ниту да биде приведен, бидејќи е „дискриминиран Албанец од Арачиново“ (израз кој го користат националистите во изминатиот период, откако ЕВН им ја исклучи стујата на арачиновци поради неплаќање на електрична енергија). Исто така безимениот автор/ка на текстот, осомничениот напаѓач го нарече „убиецот“, што е уште една лага бидејќи во самиот текст авторот самиот се дементира пишувајќи дека „полицаецот е хоспитализиран и вон животна опасност“.
Од МВР за ЦИВИЛ изјавија дека на 03.09.2022 во 21.16 часот од Ургентен Центар- Мајка Тереза пријавено е дека кај нив е донесен Р. М. (24), вработен во МВР кој во тој период не бил на работа, повреден од огнено оружје на ул.Методија Митевски во Скопје. По кажување на Р.М., во него пукало лице од с. Арачиново. Известен е јавен обвинител, утврден е идентитетот на сторителот и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Порталот МКДенес нема импресум, нема име и презиме на новинарки и новинари… Единствено редовно има вести за лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески.
ЦМТ