„Верувајте, најдобрата битка за нашите интереси е да бидеме во Европската Унија. А не да бидеме во чекалната или да се фрустрираме заради тоа што Бугарија е, а ние не сме. Тоа е искуството на Хрватска, тоа е искуството на Словенија, тоа е искуството на сите. Дека најдобро се бранат интересите кога сме во ЕУ“ изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во „Трилинг“ на ТВ24.
Тој додаде дека преку преговарачкиот процес ќе можеме многу наши интереси да заштитиме и во однос на економијата, производите, земјоделието виното, но и во однос на идентитетските прашања.
„Нашата цел со шпанското претседателство е јасна, да ги комплетираме уставните измени до крајот на ноември најдоцна и да обезбедиме услови за втора меѓувладина конференција“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот истакна дека оптимизмот во општеството може да се врати само со отворање на поглавјата и продолжување на преговорите, што е можност за реално и брзо членство во ЕУ до крајот на оваа декада.
„Мислам дека тоа може да го врати оптимизмот кај граѓаните затоашто со активен процес ние можеме и да ги откорнуваме слабостите и ќе имаме мотивација и цел да ги откорнуваме слабостите заради членството во Европската Унија“ рече Маричиќ.