Помина точно една година од најавуваната руска агресија врз Украина и од огласувањето на сирените за воздушен напад во главниот град на Кијив. На 24 февруари мината година со почетокот на руската инвазија врз Украина светот се промени преку ноќ, изјави вицепремиерот Бојан Маричиќ на конференција „Украина – година на хероизмот“, на невладината организација за човекови права и слободи, ЦИВИЛ – Центар за слобода и Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија.
-Никој не очекуваше дека и во 21 век, ќе треба да бираме страна и ќе треба да застанеме во одбрана на суверенитетот на некоја европска држава, европските вредности и темелмите човекови права.
Бруталната руска воена агресија врз Украина е доказ дека геополитиката не препознава грешки. Во современиот глобален свет и модерните демократски општества, не може да си дозволиме геополитички бришан простор. Оставањето на ваков бришан простор им дава сила и можност на нерационалните политички идеи кои можат даа доведат до големи трагедии и крвопролевање, за да го пополнат тој бришан простор.
-24 февруари 2022 година ни покажа дека нашиот заеднички европски континент можеме да го обезбедиме силен, стабилен, отпорен само преку обединување и сојузништво. Сведоци сме дека агресијата врз Украина наметна нови правила на игра, според кои беше тешко да се остане неутрален, без да се избере страна.
Рускиот напад на Украина е напад на европските вредности и затоа за нас беше лесно да се избере страна и први 100% да се усогласиме со надворешната политика на Европската Унија. Горди сме што Република Северна Македонија уште еднаш потврди дека стои заедно со своите евроатлантски партнери, како членка на НАТО и сега како земја преговарач со ЕУ и најсилен аспирант за полноправно членство во европското семејство.
Херојството и борбеноста која ја покажуваат Украинците во изминатите 365 дена нè задолжи сите на праведност, солидарност и обединување, како единствен одговор на воениот напад врз Украина и на тиранијата на тоталитаризмот на Путин.
-И Северна Македонија останува на таа страна. Остануваме на борбата против агресијата, непочитувањето на меѓународното право и против оние кои имаат за цел да го ограничуваат и нарушуваат суверенитетот на независни држави, како што е Украина.
Нападот на Украина беше доволна причина за вклучување на алармот во Европската Унија и отворање на прашањето за иднината на Европа, но и на регионот, кој е мета на надворешни влијанија и пропаганди.
Украина го привлече вниманието на геополитичката важност на интеграцијата на Западен Балкан во ЕИ.
Затоа е очигледно дека, со отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, Европската унија ја активира политика на проширување. Со тоа уште еднаш ЕУ потврди дека сè уште е политички и мировен проект, многу повеќе од само економски проект и заеднички пазар.
Војната во Украина е момент на пресвртница, покажувајќи дека немаме ниту време ни простор да се одолговлекува обединувањето на континентот. Пропуштените можности и чекањето на страна не донесе ништо добро ни за нашите земји ниту пак за ЕУ.
-Затоа е потребен план и јасна временска рамка и од наша и од страна на ЕУ, за да можеме слободно да зборуваме за украинските перспективи и за придружување на државите од источното партнерство, како и за европските перспективи на земјите од Западен Балкан. И тоа треба да е наша мотивација и приоритет да останеме на европските шини, да ги забрзаме евроинтеграциите и со идното проширување Северна Македонија да биде следната членка на ЕУ.
-Денеска уште еднаш силно ја осудувам руската воена агресија и насилство врз независна земја и изразувам почит и восхит на храброста, силата, истрајноста и љубовта со кои Украинците ја бранат својата земја.
-Како и на првиот ден од војната, со пријателска Украина остануваме во најтешките денови во нејзината понова историја и продолжуваме да ја поддржуваме бидејќи за нас тоа е борба за слобода на секоја европска земја.
-Една година стоиме до Украина во одбрана на највисоките вредности на слободниот и демократски свет, застанувајќи во одбрана на правото секоја земја слободно да го избере својот пат кон иднината.
Тоа се вредностите што ги почитуваме и ние, тоа се вредностите што ни се нам блиски и кои го задржуваат нашиот ентузијазам да работиме напорно за да се постигне целта, регионот и нашата земја да станат што поскоро дел од ЕУ.
-Сега и регионот и Европа се пред еден голем тест. Тест на кој заеднички треба да одговориме и да ја обезбедиме стабилноста и безбедноста на европскиот континент.
-Една година после нападот на Украина, иако не се гледа крајот на руската агресија верувам во „добрата волја“ и во силата на дипломатијата, за ставање крај на крвпролевањата.
-Нашата желба е искрата на слободата да заблеска што поскоро на местата на страдањата и херојството, a Украина да продолжи на реформскиот и европски пат. Тоа може само со мир, бидејќи како што рекол Ганди: „Нема пат до мир. Мирот е патот“.
Многу пати до сега сум добил едно прашање дали постои друга држава којашто жртвувала повеќе од Северна Македонија за обезбедување на својата европска иднина и за одбрана на својот идентитет. Денес можам да одговорам, да има една, тоа е само Украина. Украинската иднина е европска, македонската иднина, исто така е европска. И за тоа ќе се бориме и никогаш нема да престанеме.
Слава на Украина, порача Маричиќ.