Порталот Маркукуле на денот на изборите, 17 октомври, објави содржина со наслов: „Амбacaдата на САД го извеcтила ОЈО дека 83 лица добиле opyжje со цел попpeчyвање на избopниот пpoцес“.
Во текстот, пак, стои нешто што е малку поинаку од кажаното во насловот:
„Од амбасадата на САД во земјава доставено било известување дека лице од политичка партија пријавило оти над 80 лица добиле огнено оружје за да го загрозат изборниот процес.“, се вели во текстот објавен од Маркукуле.
Излегува дека насловот на Маркукуле манипулира дека „Амбacaдата на САД го извеcтила ОЈО дека 83 лица добиле opyжje со цел попpeчyвање на избopниот пpoцес“, а дека е точно тоа што се тврди во текстот.
Амбacaдата на САД не го извеcтила ОЈО дека 83 лица добиле opyжje со цел попpeчyвање на избopниот пpoцес, туку за доставена пријава од лице од политичка партија, која ја проследила до надлежните за да се провери.
Освен тоа, портпаролот на МВР, Ангеловски на денот на изборите за Слободен печат изјави дека „Во врска со оваа пријава се преземени сите неопходни мерки и активности во координација со Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност. Апсолутно можам да кажам дека до сега нема никаква потврда во однос на оваа пријава“.
Ова е само уште еден пример за еден од најчестите облици на измама на публиката – едно да се кажува во насловот а друго во текстот. Сите истражувања покажуваат, најголем дел од публиката чита само наслови, а дезинформаторите го знаат тоа и го злоупотребуваат.
Затоа, вакви содржини со бомбастични наслови треба да се читаат до крај, а и да се споредуваат со други извори и медиуми со повисоки професионални стандарди. Можеби патот до вистината е потежок и бара повеќе време, но внимателноста и проверувањето се единствен начин да се дојде до неа.
Петрит Сарачини