Возрасен маж почина во кумановското село Кокошиње, задушен од чад. Оваа информација вчера ја сподели Центарот за управување со кризи (ЦУК), посочувајќи дека сопругата на починатото лице е успешно евакуирана.
Дванаесет села во државата попладнево беа зафатени со пожари, а во кумановското село Кокошиње почина повозрасно лице, кое најверојатно се задушило од чадот, информираше доцна попладнево директор на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Ангелов изјави дека денеска има повеќе од 40 пожари на отворено, а околу пладне се појавиле повеќе од 15 пожари на отворено, кои поради ветерот се шират брзо и зафатија повеќе села, кои се напуштени или се со малку жители. Како што рече, денеска гори речиси цела Источна Македонија.
„12 села беа зафатени со пожарите на отворено, а изгорени многу куќи. За жал во селото Кокошиње возрасен маж се задуши во чадта, а сопругата му е евакуирана. Изразувам жалење за овој случај“, рече тој.
Градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев вели дека сите сили се на терен, но ветерот не им е сојузник на пожарникарите, мештаните, Армијата и на хеликоптерот, кој постојано со ведрото фрлеше вода врз куќите кои гореа.
– Во текот на денот беснееја повеќе пожари во атарот на селата Орел, Немањици, Малино, Ерџелија, Делисенци и други места. Пожарите направија голема штета по имотот на луѓето од тие места. Во гаснењето учестваа пожарникарите од ТППЕ Свети Николе, ДПД Свети Николе, пожарникари од Велес, Штип, Неготино, Кавадарци, АРМ, хеликоптери и многу доброволци кои несебично цел ден гасеа пожари за кој им се од срце заблагодарувам, вели Владев.
Посочува дека борбата со пожарите ќе продолжи и во текот на ноќта.
– Еден апел до сите наши сограѓани… Ве замолувам да не коментирате без потреба и да не дозволиме непотребно да им ја потценуваме работата и маката на луѓето кои цел ден гинеа на терен, вели Владев.
МИА претходно информираше дека во селото Немањици, според првичните проценки, изгорени се и една четвртина од домовите. Опожарени куќи има и во селата Орел и Малино.
Од Министерството за внатрешни работи вечерва информираа дека нивните два хеликоптера исфрлиле над 50 тони вода на пожарите во Малино и Немањици.
– Хеликоптерот Бел 412 исфрли 10 тони вода врз пожарот во с.Малино, а потоа продолжи да дејствува врз пожарот кај с.Немањица. Хеликоптерот Ми 171 исфрли над 40 тони вода во 18 налети врз пожарот во с. Немањиц, се наведува во соопштението.
Фото: скриншот ЦУК