ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Што покажуваат завршните сметки на македонските радиодифузери? Се крие ли зад тие бројки, пред кои главно стојат минуси, некаков доказ за тоа како кај нас се врши севкупната медиумска манипулација од еден центар, што комплетно ја средува сликата за „конструктивната опозиција“ (до 31 декември 2023 година) а сега, секако со комплетно сменет ракурс, треба да говори за власта која онака растурена одвнатре, со најразлични хетерогени партиски интереси, сепак нѐ води напред, кон нејзината цел – европски вредности ама надвор од ЕУ. Се надевам дека иронијата овде е очигледна.
Основа на анализата на пазарот за лани, изработена од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), како што е вообичаено, се економските аспекти врз основа на документацијата што овие куќи ја доставиле како законска обврска. Притоа, посебно се издвоени МРТ од комерцијалните телевизии, а одделно е разгледана и ситуацијата и со радио станиците кои навистина, овој пат, заслужуваат таква позиција, бидејќи, покажале порентабилен статус од своите „соседи“ што поседуваат камери.
Пазар со многу медиуми ама без резон за тој квантитет
Во анализата на ААВМУ се поаѓа од бројката на постоење на 40 телевизии и 60 радио станици, што секако е апсолутно над секаква позиција која може да си дозволи било која земја во која барем малку постои некаков raison d’etre, смисол за опстанок на било каков економски производ на пазар како нашиот. Таквиот приод тука го немаме, како ни одговорот зошто тие високи бројки се сретнуваат секоја година, некогаш дури и во поголем број, а годинава во минимално скусена верзија во која недостасуваат само неколку имиња на локални телевизии.
Ама затоа имаме една нова фирма, на познатиот претставник на проруско навивачката екипа на МПЦ во Синодот – владиката Петар. Постојано сум го истакнувал примерот со словенечкиот радиодифузен простор, држава со ист број на население ама со огромна разлика во развојот во која постојат само четири радиодифузери со национална фреквенција (едно време само три!), а ние ги имаме пет (Алфа, Телма, Сител, Алсат-М и Канал 5).
Во ААВМУ објаснуваат дека за анализата се користени податоци и сознанија од истражувачката агенција „SWOT Research“ од Скопје, податоци од Годишниот извештај за досегот на радиостаниците и за уделот во вкупната гледаност на телевизиските станици, што исто така по нарачка на Агенцијата го изработи истражувачката агенција „Market Vision“ од Скопје, како и податоци со коишто располага Агенцијата.
И одново нема одговор како опстојуваат толку многу радиодифузери?
Наједноставниот одговор би бил дека кај нас, со оглед на вкупните резултати на пазарот на ТВ станици тоа не е профитабилна определба, додека моќта на овие медиуми за нивните сопственици носи индиректни, но значајни придобивки. Особено во околности кога имаме релативно затворено општество, па тоа влијание делува некогаш и одложено, но како исплатлива инвестиција! Бидејќи бројките не говорат за економски добивки или релевантен профит па дури и во догледна иднина.
Приходи и некако има, но профит никако
Според извештајот за македонскиот радиодифузен пазар на ААВМУ, МРТВ има пад на вкупните приходи во однос на 2022 година за 9%, додека приходите на комерцијалните телевизии и на комерцијалните радиостаници пораснале за 3%, односно за 8%. (Говориме засега за приходи, не и профит). Половина од вкупните приходи во индустријата биле остварени од рекламирање (50,28%), а 39,47% се средствата од државниот буџет префрлени на сметката на Македонската радиотелевизија. Останатите 10,25% од вкупните приходи биле остварени по други основи.
Од вкупно 40 комерцијални телевизии, повисоки приходи отколку во претходната година оствариле 21 (три на државно ниво, седум регионални и 11 локални телевизии), а од вкупно 58 радиостаници, повисоки приходи оствариле 37 (четирите радиостаници на државно ниво, шест регионални и 27 локални радиостаници). Дел од приходите на комерцијалните радиодифузери и на непрофитните радиостаници е и финансиската помош (!) што во анализираната година им ја додели ААВМУ, а која се состоеше во намалување на надоместокот за лиценцата во висина од 25% од износот што требаше да го платат, во вкупен износ од 10,07 милиони денари. Во услови на постоење на сѐ уште преголем број радиодифузери, па пазарот има слика на многу ајкули во мал базен, овој чекор на Агенцијата е само едно мало рипче кое треба да задоволи многу апетити.
последните шест години (извор: ААВМУ)
Средствата кои во 2023 година заедно ги потрошиле јавниот радиодифузен сервис и комерцијалните радиодифузери изнесувале 2.708.210.000 денари (2,7 милијарди денари или нешто повеќе од 44 милиони евра). Од овие, 42% биле трошоците на МРТ, 52% на телевизиите и 6% на радијата. Во периодот од 2018 до 2023 година, повеќе средства отколку во 2023 година, МРТ потрошила само во 2019 година, а комерцијалните телевизии во 2018 и во 2021 година. Радијата пак, највисоки трошоци направиле токму во анализираната 2023 година. Радио станиците повеќе заработиле, па и повеќе трошеле, но факт е дека трошоците на оние кои прават ТВ програма отишле нагоре.
во последните шест години (извор: ААВМУ)
Можеби политиката на зголемување на платите во време кога СДСМ внимаваше на стандардот на граѓаните и се држеше до колективните договори, влијаел на ваков скок на трошоците. И тоа е до некаде точно, бидејќи, токму овој сегмент има најголем удел во структурата на трошоците и кај јавниот и кај приватниот сектор.
Македонската радиотелевизија за оваа намена потрошила 46% од вкупните трошоци кои ги направила, исто толку (46%) потрошиле и радиостаниците, а кај телевизиите за плати биле потрошени 40% од нивните вкупни трошоци. Проблемот е секако во структурата на приходите, бидејќи, западните медиумски пазари даваат и високи плати за вработените, но далеку е помало учество на истите во вкупните трошоци, кои главно одат на производството на сопствена програма и таму го прават трошокот! Вака поставените работи во медиумските куќи само покажуваат една – да ја наречеме така – африканска ситуација, која на теренот изгледа вака: највеќе од приходот се дава за и онака ниските плати, своја продукција тие куќи немаат, а може да се купат од главно најевтините увозни понуди, чист бофл од турски играни серии кои ќе одат сто на час. Сериите пак зафаќаат и како саморекламирање голем простор наменет за ЕПП и така во круг.
Е, ваква анализа би очекувал, ама тоа е премногу за постојниот состав на ААВМУ која на структурата на програмата не треба да остане рамнодушна, како што е случај цело време. Но, тоа е секако добра ситуација за сите оние потенцијални извори на финансирање кои би посакале да вршат притисок врз медиумите?! Особено во креирањето на политичките програми.
Кому не му пречи прегломазен пазар?
Таквите проценители на ситуацијата во медиумскиот пазар, кои би сакале да се омрсат од вниманието за нивните стратешки цели се идеални, ако само се погледне разликата меѓу приходите и трошоците. Добивка во 2023 година оствариле заедно само комерцијалните радија, и тоа износ од 10,15 милиони денари. Македонската радиотелевизија и комерцијалните телевизии работеле со загуба од 131,77 милиони денари (првите), односно 139,55 милиони денари (вторите). Овој финансиски резултат кој го оствариле комерцијалните телевизии е најлош во периодот од 2018 година до сега. Загубата на целата индустрија во однос на претходната година е за три и пол пати поголема! Ова е секако највпечатлив „детаљ“ во вкупната слика за оваа дејност.
Во објаснување на ситуацијата со загубите на МРТВ, за која во извештајот нема назнака дека работи во услови на непостоење на законски избрани органи, вклучително и на првиот човек на јавниот радиодифузер, постојано се гради некаков „ѕид на плачот“ дека државата не дава пари што треба да ги даде согласно на обврските.
Но, да појасниме.
Во 2017 година, тогаш новата власт ја укина радиодифузната такса и обврската за покривање на јавниот сервис падна на основачот – државата. По пресметките на МРТВ, за пет години државата по овој основ не префрлила обврска од над 2 милијарди денари. Да, но во законот стои дека префрлување на средства се пресметува врз реализирани вкупни приходи, а од лани само врз основа на реализирани даночни приходи (значи попрецизно).
Факт е дека укинувањето на радиодифузната такса за МРТВ значеше умртвување во остварувањето на сопствен прилив на средства, било со рекламирање, било со продавање на производи или се преминало на она – што се вели улично – легнување на руда.
Доволно е да се види дека во структурата на приходите закупнините носат 0,27 отсто, приходи од услуги во земјата со 2,10, приходи од услуги во странство (технички и останати услуги и сл.) 0,07, останати деловни приходи (приходи од камати, позитивни курсни разлики, отпишани обврски, приходи од минати години) 14,81. Потоа следат приходи од наплата по судски одлуки 0,11 отсто, приход од продажба на рекламно време (маркетинг) 12,28, приход од продажба на програма (отстапени права) и реемитување во земјата и странство и приходи од донации – 0,31 отсто!
Очајни по сите релевантни основи, особено ако се знае дека постои простор во земјава каде допира само сигналот на МРТВ, па тоа белким би требало да е простор и за економско дејствување (рекламирање и слично). Впрочем, кај рекламирањето постои секоја година пад во однос на претходната, а се признава дека не постои атрактивен програм кој би привлекол фирми што сакаат да се рекламираат. Кога државата која се обвинува би имала неопходна (законска) контрола, секако сѐ би било поинаку устроено, а секако дека тоа не е случај накај една деценија.
Кај терестријалните телевизии (споменатите пет) треба да се каже дека заеднички оствариле вкупни приходи во износ од 1.106.930.000 (1,1 милијарди денари или речиси 18 милиони евра), а потрошиле вкупно 1.103.390.000 денари (разлика од само 3,5 милиони денари или 57,5 илјади евра). Највисоки вкупни приходи остварила ТВ Сител (474,04 милиони денари), а истовремено потрошила и најмногу средства (461,50 милиони денари). Најниски се приходите на ТВ Телма во износ од 115,02 милиони денари. Телма е единствената телевизија што потрошила повеќе средства отколку што остварила приходи. Заедничките вкупни приходи на овие пет телевизии се за 4,46% повисоки отколку во претходната година, но тоа се должи на зголемувањето на приходите на само две телевизии – ТВ Сител за 14,59% и ТВ Алфа за 13,93%. Останатите три телевизии оствариле помалку приходи отколку во претходната година, и тоа ТВ Алсат-М за 2,01%, ТВ Канал 5 за 9,77% и ТВ Телма за 2,73%.
во последните шест години (извор: ААВМУ)
Рекламите треба да се клучот
Рекламите очевидно биле болна точка за недоволните приходи во телевизиите со национална фреквенција – три телевизии оствариле помалку приходи од реклами отколку во 2022 година, и тоа ТВ Алсат-М за 1,03% (1,45 милиони денари), ТВ Канал 5 за 10,12% (23,05 милиони денари), а ТВ Телма за 0,28% (0,29 милиони денари). Раскинот на релацијата со Гранд продукцијата на Канал 5, по слободна проценка влијаел на тоа што ривалската Сител, која го доби овој програмски колач, се одлепила во борбата за рекламниот простор.
во периодот од 2018 до 2023 година (извор: ААВМУ)
Иако кај ѕинговизија рекламите за време на емитувањето на популарните караоке програми на оваа продукција повеќе имаат обид за популаризација на својата програма, отколку изложување на производи на производи од пазарот за широка потрошувачка! Како и да е, јасно е кој е во добивка, а кој не, и кој направил лош програмски чекор во случајот.
Но, повеќе привлекува внимание фактот дека ТВ Алфа има задоволителен скор во финансиска смисла, посебно заради необичното тврдење дека тоа е резултат на продажбата на сопствени производи!? Бидејќи Алфа едноставно нема реклами – тие во вкупниот скор учествуваат со 4 отсто. Имаме чуден случај – на нивната програма никој не сака да се рекламира, ама тие, сепак, ја продаваат програмата. Според нивната страница тие веројатно мислат дека тоа го прават преку Интернет? Велиме веројатно бидејќи немаме такво тврдење од нивна страна.
ТВ Алфа привлекува внимание заради поврзаноста со аферата со унгарски пари (виа Словенија) и заради фактот што беше миленик на груевизмот, кога од Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски доби околу 25 милиони евра, заедно со телевизиите „Сител“, „Канал 5“, во периодот од 2010 до 2017 година. Ова, да потсетиме, го објави „Призма“, повикувајќи се на податоците од владината дата база „Отворени финансии“.
Од вкупните 26.6 милиони евра за рекламирање во телевизиите, дури 25 милиони евра отишле кај овие три национални телевизии. На врвот е „Сител“, која инкасирала 10.2 милиони евра државни пари, потоа „Канал 5, па следува Алфа (линк: ИРЛ). Оваа телевизија имаше по малку компликувани промени на сопствеништвото (линк: Призма).
Ако се сака да се објасни медиумскиот пазар секако треба да е избројат сите рипчиња што се фрлаат во базенот наречен – ајкули на медиумскиот пазар. Објаснувањето на програмската политика на Алфа телевизија инаку е најмал проблем. Како и интересот на оние кои стојат зад основачите и зад токму ваквата програма.
При изработка на овој прилог, користена е Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2023 година, изработена од ААВМУ.