Меѓународниот кривичен суд (МКС) соопшти дека ги „осудува“ новите санкции на САД врз судиите и обвинителите на судот.
Како што пренесува Би-би-си, во средата американскиот Стејт департмент објави нови санкции врз двајца судии и двајца обвинители во МКС поради вклучување во напорите за гонење на американски и израелски граѓани.
Државниот секретар Марко Рубио го обвини МКС дека е „закана за националната безбедност“ и „инструмент на правна заштита“ против САД и Израел. Тој ја осуди „политизацијата, злоупотребата на моќта и нелегитимното судско пречекорување“ на судот во соопштението во кое ги објави санкциите.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поздрави потегот на САД. МКС издаде налози за апсење против Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото поради војната на Израел во Газа.
Франција му се придружи на МКС во осудата на потегот на САД, изразувајќи „разочарување“ бидејќи еден од неговите судии, Николас Гилу, беше меѓу санкционираните.
Тројцата други претставници на МКС именувани од САД беа судијката Кимберли Прост од Канада, како и заменик-обвинителите Назат Шамим Кан од Фиџи и Маме Мандиаје Нианг од Сенегал.
МКС е глобален суд со моќ да покренува обвиненија за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.
Судот ги нарече најновите санкции „флагрантен напад“ врз неговата независност и непристрасност.
Д. Мишев