За поддршка на имплементација на Стратегијата за Роми за оваа година издвоени се 73 милиони денари, што е зголемување за 14 милиони денари во споредба со буџетот за 2021 година. Најголеми приоритети се ставени на потенцијалот на ромската заедница, од економски аспект, но и вработување преку оперативниот план, посочи на денешната прес-конференција советникот на Владата, Елвис Мемети, пренесува МИА.
Владата вчера на седницата ја усвои Информацијата за клучни достигнувања, заложби и координација во спроведувањето на Стратегија за Роми 2022-2030 година, а како што напомена Мемети, најголеми приоритети се ставени на потенцијалот на ромската заедница, вработување преку оперативниот план, кредитните линии од агенцијата за вработување со 1 посто камата за самовработување, мечинг фондот, гарантниот фонд, но и мерките што се спроведуваат преку Развојна банка за поддршка на претприемачи, каде што субјекти раководени од Роми може да ги користат овие мерки за формализација и унапредување на бизнисот.
-Ромите во земјава имаат потенцијал да го предводат прашањето на сопствената интеграција и да бидат пример за останатите во регионот. Зборувам за суштински политики поврзани за унапредување на ромската заедница. Северна Македонија ја усвои Националната стратегија за Роми, која е дел од јавните политики за изедначување на степенот на вклученост, интеграција на ромската заедница со сите етнички заедници, додаде Мемети.
Тој посочи дека инвестирањето во развојот на ромската заедница има долгорочни придобивки во поглед на подобрувањето на социјалната кохезија и економскиот статус за Ромите на долгорочен план.
Како што посочи, инклузијата на Ромите во општеството ќе се одрази позитивно и на постигнувањето на одржливите развојни цели на Обединетите Нации, како и позитивни оценки во делот на поглавјето 23, кое се однесува на унапредување во полето на правосудството и човекови права.
Напомена дека подготвителна тренинг програма за олеснување на пристапот за вработување на Роми во државна и јавна администрација е исто така битен приоритет, на кој што сите ресорни министерства ќе подготват акциски план во рамките на имплементација на овој дел од Стратегијата за Ромите.
Домувањето, како што рече, и понатаму е актуелна тема, при што во тек се неколку проекти во општина Шуто Оризари и Виница, во општините Кичево, Битола, Прилеп, Штип и Берово.
-Во рамките на овие проекти се работи на реновирање на куќи од социјално ранливи категории, пред се со фокус на општина Битола, Прилеп и Берово, каде што зборуваме за градба на тимски куќи во општина Штип и изградба на колективно домување на две згради во Општина Кичево. Се работи на легализација, инфраструктура, комунално инфраструктурни проекти, додаде Мемети.
Како што рече, проектите од комунална инфраструктура се со поддршка од Министерството за транспорт и врски и фокусирано се спроведуваат во општините Крива Паланка, Кавадарци, Прилеп, Кочани, Ранковце, Делчево и Шуто Оризари