На поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и беше доделена наградата Нансен од Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) за нејзината „голема морална и политичка храброст“ во поддршката на барателите на азил, пренесува Еуроњуз.
За време на мандатот на Меркел, Германија пречека повеќе од 1,2 милиони бегалци и баратели на азил во екот на мигрантската криза 2015-2016 година.
Во тоа време, Меркел рече дека приливот е „тест за нашите европски вредности како ретко досега“, укажувајќи на „хуманитарен императив“.
Коментирајќи ја наградата, шефот на УНХЦР Филипо Гранди ја пофали решеноста на Меркел да ги поддржува човековите права и хуманитарните принципи.
„Помагајќи им на повеќе од еден милион бегалци да преживеат и обноват, Ангела Меркел покажа голема морална и политичка храброст“, рече тој. „Тоа беше вистинско лидерство кое повика на сочувство од сите нас, цврсто застана против оние кои проповедаа страв и дискриминација. Таа покажа што може да се постигне кога политичарите го следат вистинскиот курс и работат на изнаоѓање решенија за предизвиците наместо едноставно да ја префрлат одговорноста на други“.
Одлуката на Меркел да пушти толку многу мигранти ја поттикна екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија и резултираше со протести на гласното малцинство.
Таа, исто така, беше критикувана од некои влади дека е премногу пријателски настроена кон бегалците кога некои земји-партнери на Европската унија ги затвораа границите за бегалците и барателите на азил.
Наградата Нансен, која се доделува секоја година, е создадена во 1954 година во чест на првиот висок комесаријат за бегалци на ОН, истражувачот норвешки арктички и хуманитарец Фридтјоф Нансен (1861-1930), за да се наградат извонредните достигнувања во хуманитаризмот.
Меркел наградата ( која е во висина од 151.000 евра) ќе ја добие за време на церемонијата во Женева, Швајцарија на 10 октомври.
Подготви: Д.Мишев